Донесен закон што можеше да ги спречи Блер и Буш да извршат инвазија на Ирак

Од вторникот секој политички или воен лидер кој ќе нареди инвазија на странска земја ќе се смета за виновен за агресија, и ќе подлежи на казна од меѓународниот кривичен суд во Хаг.

„Иницирањето на воена агресија е највисоко меѓународно злодело.“ и како такво тоа е влезено во јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд уште во 1998, меѓутоа е ставено на пауза се до утврдување на сите негови елементи, што се случува во 2010, и додека да биде ратификувано од најмалку 30 држави, што се случува во 2016.

Во меѓувреме, додека делото е правно заокружено се случуваат инвазијата на Ирак, анектирањето на Крим, американски и НАТО воени напади врз Сирија и Либија.

„Делото треба да биде извршено од оние кои раководат со употребата на вооружени сили против ’суверенитетот, територијалниот интегритет или политичката независност’ на друга земја членка, на начин на кој ’по неговиот карактер, тежина и обем’ претставува ’манифестирано прекршување’ на повелбата на Обединетите нации,“ пишува Џефри Робертсон во текстот за Гардијан.

Иако ова можеби и нема да важи за бомбардирањето на Сирија од страна на Трамп бидејќи нема „тежина и обем“ за да се оквалификува како агресија, тоа речиси неизбежно, кога би важело во тоа време, би се однесувало на Путин и руската акција во Украина, или пак на Блер и Буш во Британија.

„Дупки“ во дефиницијата се на пример тоа што таа не опфаќа сајбер-напади, затоа што нема човечки жртви, или пак не ги опфаќа лидерите на ИСИС и слични терористички групи, бидејќи обвинетите мора да се лидери на меѓународно признаени држави.

Една од поголемите дилеми е дали со ова ќе бидат опфатени „хуманитарни интервенции“, односно правото да се спроведе инвазија во име на олеснување на екстремна хуманитарна криза. Процената на Робертсон е дека и тоа ќе зависи од „карактерот, тежината и обемот“ на интервенцијата.

И овој пат јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд е строго ограничена по основа на земји кои го имаат ратификувано новото дело. Тоа се 35 држави, претежно од Европа, „а Британија, прилично срамно, направи сè што може за да го блокира процесот (во сеќавање, можеби, на Тони Блер)“.

При крај на своето излагање, Робертсон го наведува очекуваното разочарување кое стандардно важи во меѓународното право и нееднаквоста на сите пред него:

„Британските политичари (и други од држави што го немаат ратификувано делото) можат да бидат обвинети како резултат на препорака од Советот за безбедност на О.Н. до Меѓународниот кривичен суд, меѓутоа Британија таму има вето, како и САД и Русија. Значи кривичното дело агресија, кога ќе биде воведено, во пракса нема да стигне многу далеку: ветото на светските суперсили значи дека тоа нема да може да биде употребено против кој било политичар или воен лидер кој делувал во сојузништво со еден од ’петте големи’ во Советот за безбедност.“