Да се укине гласањето

Правото на глас на обичниот граѓанин не ги дава оптималните резултати, ниту пак резултатот од нивното гласање и избор на најдобриот кандидат што го имале на располагање. Зборуваме за изборот на играчи за Ол-Стар викендот на НБА.

"Резултатите на годинешното гласање на публиката уште еднаш покажа дека тие не се најдоброто жири за избор на Ол-Стар поставата," пишува Омар Мухамед за Кварц.

На првото пребројување Коби Брајант доби најмногу гласови, речиси 720 илјади. Коби со 20-годишен стаж и во последната година од својата кариера доби повеќе гласови од Стивен Кари, минатогодишниот МВП и член на актуелниот шампион на НБА, Голден Стејт кој заврши со 510 илјади. На трето место е Леброн со 358 илјади.

Проблемот со изборот на Коби е што иако во последно време малку се подобри, сепак ова е една од најлошите сезони во неговата НБА кариера, а Лејкерси со него на 29 натпревари имаат 5 победи и 24 порази.

На страна Коби, проблем е и изборот на Кајри Ирвинг во првата постава на Истокот. Ирвинг кон крајот на минатата сезона имаше повреда на коленото и од тогаш уште го влече истиот проблем. До сега сезонава има изиграно вкупно - два натпревара.

Подеднаква нејаснотија за Мухамед е и што тим како Голден Стејт Вориорс, кои сезонава ја почнаа со рекордни 24 победи по ред (инаку имаат вкупно 27) и само еден пораз, ќе имаат само еден играч на Ол-Старот.

"Демократијата е добра. Меѓутоа да им се дозволи на кошаркарски фанови да избираат кој ќе игра во Ол-Стар натпреварот е исмејување на процесот на гласање. Ова треба да биде оставено на тренерите, кои и онака ги избираат замените, и на играчите, за да ги изберат најдобрите во лигата.

Основата на сите проблеми е дека фановите гравитираат кон спортистите кои веќе ги перципираат како ѕвезди - што значи дека најдобрите играчи, кои се отелотворување на најдобрите квалитети во спортот со тоа што ја жртвуваат индивидуалната слава за успехот на тимот, се оставени на страна. Време е НБА да стави крај на ова," пишува Мухамед.

26 декември 2015 - 16:34