Борбата против ИСИС, или како да убиеш 70 терористи со авиони од 2 милијарди долари

Б-2 е еден од најневеројатните и најнапредни стратешки бомбардери на светот кој е создаван со цел да послужи во случај на нуклеарна војна со СССР. Дваесетина години од неговото воведување во служба, бомбардерот, кој заради цената е произведен во 21 примерок, доби задача да разбие збирштина од терористи сред пустелија.

19 од овие бомбардери се сместени во САД во базата Вајтман во Мисури, и понатаму првично се сметаат за системи за испорака на нуклеарни бомби. На 17 јануари 2017 во Вајтман неколку Б-2 бомбардери се товарат со по 80 ГПС наведувани бомби, кои треба да се искористат „против непријател забележан во една далечна земја.“ Ова е прв пат по 6 години Б-2 да биде ангажиран за борба.

И покрај обемната површина, единствено место во авионот во кое можат да се сместат луѓе е пилотската кабина, а и во нејзе има само место за двајца. Едниот е командант на мисијата, другиот е пилот, меѓутоа и покрај тоа и двајцата се обучени да се справат со која било задача во авионот.

Неколку авиони излегуваат од хангари и се редат во колона оддалечени по 150 метри. 3 од нив полетуваат со разлика од 30 секунди, а останатите се враќаат во хангари, бидејќи се извадени само во случај некој од првите 3 да откаже.

Мисијата им е да исфрлат бомби над определено место во првите неколку секунди од 19 јануари 2017. Целта се наоѓа во Либија.

„Најскапата и најспособна алатка на авијацијата само што беше распоредена против група борци во пустината, заспани на повеќе локации во два кампа. Планот е Б-2 да прелета речиси 10.000 километри и да фрли бомба од 220 килограми на секој од овие борци,“ раскажува Вилијам Лангвиш во Атлантик.

Секој од авионите товарен тежи над 152 тони, и носи околу 59 тони гориво кои му се доволни да мине над 2.000 километри без полнење гориво во воздух. Првото полнење на авионите тргнати кон Либија е некаде над Мејн и трае околу 15 минути. Откако го завршуваат полнењето, главниот на мисијата го враќа третиот авион назад во базата во Мисури, а тој и уште еден бомбардер продолжуваат преку Атлантикот кон Либија.

Станува збор за еден од последните напади под команда на администрацијата на Обама, која по соборувањето на Гадафи и неговата егзекуција се обидува да воведе некаков ред во Либија и воопшто да ја задржи Либија како држава.

Целта на нападот се не повеќе од стотина ИСИС борци кои останаа од првичните 2.000 што го држеа градот Сирт под своја контрола. Најголемиот дел од останатите загинаа во претходните над 500 воздушни напади на американската авијација. Групата се наоѓа на околу 50 километри југозападно од градот, каде имаат поставено два кампа меѓу себе оддалечени околу 15 километри.

Американците се изненадени од неспособноста на  преостанатите терористи, кои и покрај тоа што знаат дека американската авијација и дронови го надлетуваат регионот, решаваат да кампуваат сред пустина, немајќи ништо од заштитата која вообичаено ја имаат во градовите заради опасноста од убивање цивили.

Одлуката е дека тие до еден мора да бидат истребени, а притоа парите не се проблем, ама ниту еден Американец не смее да ризикува. Затоа се исклучува употреба на специјални сили, и се размислува само за авијација.

Пентагон подоцна ќе соопшти дека борците планирале напади во Европа.

Генералот на американската команда во Африка, соодветно сместена во Штутгарт, Томас Валдхаузер, на располагање ги има речиси сите типови на воздухопловни капацитети за спроведување на бомбардирањето, без разлика дали тие припаѓале на пешадија, морнарица или авијација (секој од овие родови има свои воздухопловни сили).

Од пресметката се исклучени пешадијата и морнарицата, бидејќи се проценува дека на пример со томахавк проектили нема да се постигне посакуваниот резултат бидејќи групите се раштркани и во случај на напад со проектили добар дел можат да преживеат.

Одлуката паѓа на користење на некои од тешките бомбардери на авијацијата. Изборот на Б-2 е изненадувачки бидејќи тоа е неспоредливо најскапиот авион во флотата, а Либија по падот на Гадафи нема никаква контрола на воздушниот простор а не па одбрана која ќе изискува ангажирање на невидлив бомбардер. Едно од објаснувањата е дека ако не по воена, тогаш по бирократска основа има логика да се ангажира Б-2 колку да се покаже дека и тој прави нешто. Посебно имајќи предвид дека веќе 6 години авионите немале никаков борбен ангажман.

Подготовките започнуваат веднаш по „нарачката“, на околу една недела пред мисијата. Само за товарењето на бомбите се ангажирани 100 луѓе кои работата ја завршуваат во рок од 30 часа.

Рутата по која летаат бомбардерите до Либија е малку појужно од најкратката, што е направено за да се избегнат компликациите од барање на неопходните дозволи за прелетување над одредени држави.

Некаде на два часа пред пристигнување на Медитеранот до авионите пристигнуваат најновите податоци од американските дронови за позицијата на борците. Новите координати треба да се внесат во дел од бомбите кои ќе бидат исфрлени над пустината, помал дел од бомбите однапред се програмирани. Ова трае неколку часа, како што објаснува еден од пилотите „не дека Стив Џобс го има правено интерфејсот.“

Како што влегуваат во Медитеранот тие повторно полнат гориво во воздух, овој пат од летачките танкери кои полетале од Германија.

На 400 километри пред либискиот брег, пилотите ја гасат комуникацијата и исчезнуваат од секој можен радар. Во овој момент летаат веќе 15 часа. Тие летаат по планираната рута, од која се повлечени сите американски дронови кои имаат наредба да се вратат веднаш по бомбардирањето за да го убијат секој што останал жив.

Бомбардерите во овој момент летаат со брзина од 770 км/ч, секој од нив барајќи го „прифатливиот регион“ врз кој треба да ги истурат бомбите, кои се програмирани сами да се упатат кон своите мети. На околу 16 километри пред „прифатливиот регион“ авионите ги отвораат вратите за исфрлање на бомбите. Првиот авион фрла 62 од 80 бомби, вториот само 23. По ова на двата бомбардери им се останати по 75 бомби, во случај да не затреба уште еден напад. Вратите за бомби се отворени на околу 30 секунди. Пилотите можат да го видат портокаловиот отсјај од експлозиите.

На земја дури и да е буден некој од терористите на ИСИС тој нема да може да ги чуе бомбите како паѓаат, се до експлодирањето на првата. Од тој момент па во следните 30 секунди бомбите „паѓаат со демонска прецизност.“

„Секоја од 225 килограми тешките бомби е подесена да детонира точно над својата мета заради зголемена смртоносност, повеќе работејќи на создавање преголем притисок отколку на фрагментација. Ова резултира со вакуум кој го извлекува целиот воздух од градите додека во исто време шокот ги дроби коските и ги пробива внатрешните органи на секого во радиус од околу 45 метри. Така умреа најголемиот дел од борците на ИСИС: напразно грабајќи го тлото додека нивната внатрешност се претвора во каша а ноќта е раскината од експлозии.

За неколкуте преживеани, искушението се уште не беше готово. Прашината се уште немаше легнато кога се појавија Рипер дронови кои бараа преживеани. Фигурите може да се видат во реално време како френетично бегаат. Дроновите со своите Хелфајр проектили почнаа да ги требат преживеаните еден по еден,“ пишува Лангвиш.

Откако ги исфрлаат бомбите, бомбардерите се повлекуваат на безбедна позиција вон Либија, каде чекаат уште 6 часа во случај пак да не затребаат. По неколку часа кога контролата на летови ги прашува пилотите на дронови дали на земја има знаци на живот, добива одговор „негативно.“

По ова двата Б-2 тргаат назад кон Мисури, притоа повторно полнејќи гориво над Медитеранот на југот од Франција. Капетанот на едниот авион најголем дел од времето го пополнува извештајот за мисијата, по што решава да се испружи во задниот дел од кабината каде спие неколку часа. Истото го прави и неговиот пилот. Капетанот на вториот Б-2 зема од пилулите за будност, препишани од авијацијата, се освежува со помош на мали пешкирчиња, мие заби, облекува нов комбинезон за летање и си ја мести косата.

По 33 часа во воздухот тие се во близина на пистата во Мисури. Кога првиот авион се обидува да слета, тој е одбиен од контролата на летање затоа што на пистата има којот, „пилотот веќе е премногу уморен да се замара со вакви работи, и им одговара „јас го слетувам авионов“ а којот ќе биде приморан да се тргне.

Кога излегуваат авион на нивно изненадување ги чека филмска екипа заедно со старешините на базата, и поставена софра со стек со јајца и пиво.

22 јуни 2018 - 18:01