Американската битка за бургерот

Со наратив дека во демократските скути се кријат секакви вегански фашисти и други злотвори кои сакаат да му наудат на американскиоот начин на живот, конзервативци по прес конференции почнаа да јадат хамбургери.

Трамп и конзервативците обвинуваат дека Демократите коваат заговор да го забранат црвеното месо, односно да го наведат на истиот колосек на кој беа жртвувани фосилните горива, создавајќи имиџ дека месото е можеби корисно но сигурно е валкано. И дека целата таа игра се скриена во Зелениот нов договор на сè погласната Александрија Окасио - Кортез

Трамп во говорот во Вашингтон опишуваше дистопија во која „нема веќе крави“ а неговиот некогашен советник Себастијан Горка ќе предупреди: „Демократите тргнаа кон месото!“

„Тоа е нешто за кое сонуваше и Сталин но никогаш не успеа во тоа“, ископа од некаде Горка а конгресменот Роб Бишоп сред прес-конференција во Капитол Хил, изеде хамбургер, демек активност која ќе биде илегална со новиот зелен договор.

Всушност, тој договор не предвидува ништо слично иако екипата на Окасио - Кортез, на интернет пушти еден глуп инфографик кој сугерираше да се ослободиме од „кравите кои прдат“ кој потоа го повлекоа ама затоа се направија безброј мемиња на таа тема.

Мајкл Грунвалд од Политико смета дека ова околу бургерите е класичен политички театар, својствен за бинарната политичка сцена на САД и дека е греота што со екстремната реторика практично се сокриваат битни прашања и дилеми околу сточарството и неговата иднина.

Црвеното месо има поголемо влијание врз глобалната клима од секоја друга храна. Ако тоа кравите беа нација, ќе беа трета најштетна нација во испуштањето штетни гасови одговорни за ефкетот на стаклена градина, веднаш после Кинезите и Американците. Нивниот удел во глобалното затоплување се проценува меѓу 14% и 20%.

Од друга страна, месото држи едно од централните места на американската култура, заедно со колите или спортот. Просечен Американец неделно јаде по три бургери, и уште повеќе пилешко. Но, за индустријата ова се деликатни времиња. Влијателни извори сè погласно тврдат дека Американците претеруваат со месо па на пример, њујоршките училишта веќе ја прифатија програмата „Посен понеделник“ а се експериментира и со слични иницијативи.

Ако се зборува за еко-проблем, телешкото е најголемиот. Тоа создава седум пати повеќе штетни гасови отколку свинското или пилешкото (по единица протеин) и 20 пати повеќе отколку одгледувањето грашок или леќа. Една од причините е што овие тревопасни лакомци испуштаат огромни количини метан, гас кој за атмосферата е 30 пати поштетен од јаглерод диоксидот. Додуша, метанот повеќе го испуштаат со ждригање отколку со прдење но сепак, метанот е штетен без разлика од кој крај на кравата доаѓа.

Околу ова не мора автоматски да се драми. Експерти тврдат дека метанот кој денеска го испуштаат американските крави не е драматично поголем од оној во златниот период на дивите бафала кои крстареле по американските пространства. Она што е ново на Земјава е она што се вади од фосилни горива и завршува во атмосферата, а не испустот на големите тревопасни животни.

„Метанот од стоката не е нов. Ново е да се горат фосилни горива за енергија и транспорт. Климатските промени се суштински за човековото добро, но, дајте да го држиме фокусот на вистинското место,“ бара професорот Марти Метлок.

Сериозен проблем околу сточарството е површината која ја зафаќа таа дејност, со оглед на тоа што милиони семејства од Кина и Индија постојано се уфрлуваат во средната класа, а средна класа повлеквит да се извади месо за ручек. 

Доколу сегашните трендови во исхраната продолжат, до 2050-та година на планетава ќе треба дополнително да се исече шума во површина скоро колку две Индии, за таа земја да се прилагоди за сточарство и да се задоволи побарувачката на месо.

2 април 2019 - 13:24