Америка на Европа ѝ продава руски гас

Една од најголемите геостратешки победи на ЕУ против Русија беше почетокот на раскрстувањето со зависност од руски природен гас, кој беше заменет со редовни испораки на енергенсот од Америка. Излезе дека и овој пат преовладала старата „кај што има ексел, нема правдина“, и дека американските добавувачи на Европа и испорачувале руски гас.

Во материјалите откриени од Рајските документи се објавува дека течниот природен гас (ЛНГ) што танкери на американски енергетски корпорации го испорачуваат во белгиското пристаниште Антверп (една од централните точки во европскиот енергетски систем), всушност се купени од Русија.

Во дел од 13-те милиони документи објавени во неделата, се објаснува дека Американците се пресметале дека им е поевтино да купат гас на Балтикот и да го префрлат до Белгија, отколку истото да го прават од преку океан.

Конкретно се споменува компанијата Навигатор холдингс, која имала соработка со руската нафтено-хемиска компанија Сибур. ЛНГ бил товарен на руското балтичко пристаниште Уст Луга. Она што е дополнително важно околу Навигатор холдингс е дека американскиот секретар за трговија, Вилбур Рос има 35% во компанијата.

Во анализата на документите, белгискиот весник Соар пишува дека ваквата соработка покажува дека во бизнисот се следат природните пазарни закони, според кои е поевтино ЛНГ да се донесе од Русија отколку од Америка. Разликата е во тоа што сега гасот пристигнува со посредник, наместо директно да биде купен од Русија.

Реакцијата на американскиот секретар за трговија е дека Сибур не е под санкции и соработката со нив е иста како со која било друга светска компанија. Во исто време на Сибур не им е јасно што е толкавата возбуда околу соработката со Навигатор холдингс, бидејќи истата е наведена во извештајот на компанијата за работењето.

9 ноември 2017 - 12:21