„1984“ ни се случува на најбизарен можен начин

Глупоќата на политичката коректност оди во гротескни димензии. Орвеловата „1984“ на еден факултет ја даваат со предупредување дека содржи експлицитен материјал кои некои млади можат да го доживеат како навредлив и офанзивен. Како некој да ти викне „пази да не те фати струја!“, а ти му одговараш „глуп еден, не се вика пази, туку внимавај!“

Дистопијата на Орвел е трајна оставштина на британската литература која служи како цивилизациско предупредување за тоа каде може да заврши светот ако дозволи Биг Брадер да има контрола на секој апсект од човековото живеење.

Иронијата не може да биде поголема во веста дека на Универзитетот Нортемптон, ова дело е обележано со предупредувачка етикета за експлицитност која може да вознемири некои студенти.

Делото се изучува во рамките на образовниот модул „Identity Under Construction“ и пред да ја земат да ја читаат, студентите се предупредени дека книгата адресира предизвикувачки содржини поврзани со „насилство, родови, сексуалност, класи, раси, злоупотреби, сексуални злоупотреби, политички идеи и навредлив јазик“.

Право минско поле за нежните снегулки.

На истиот курс, покрај Орвел, како потенцијално „навредливи и вознемирувачки“ се обележани и дела на Семјуел Бекет како и графичката новела „В за Вендета“.

"Нашите универзитетски кампуси забрзано се претвораат во зони на дистописки Биг брадери. Премногу од нас прелесно се откажаа од своите права, за конформистички да се претопат во хомогенизирано општество управувано од либералната елита која 'нè штити' од идеите за кои ќе оцени дека се премногу екстремни за нашиот сензибилитет,“ коментира еден ториевец.

На спомнатиот курс, новелата на Марк Хадон, „The Curious Incident Of The Dog In The Night-Time“ доаѓа со предупредувачка ознака дека содржи угинување на животни.

25 јануари 2022 - 09:55