Зошто престанав да гледам „Минатата недела вечерва“

Првата година од владеењето на Трамп Портокаловиот беше подарок за комичарите, но сега полека почнува да се претвора во клетва.

Некое време мислев сум го нашол лекот. Речиси секој еден ден од првата година од владеењето на Трамп Портокаловиот го почнував со смеење.

Не беше тешко: немаше недостаток на дворски шутови на ноќните програми, сите волни да ја испорачаат својата шега на сетапот што тој така простодушно им го има испорачал преку некој од своите твитови или себе-пофалните митинзи за кои дури и Ким Јонг Ун би сметал дека се малку претерани.

Тв-водители како Стивен Колбер, Сет Мајерс, Тревор Ноа и Конан О'браен со воодушевување се гоштеваа со најновите трошки што претседателот невнимателно им ги фрлил пред нозе - трошки од постелнината на богаташот прекриена со КФЦ. И секако, имаше доволно од ова што дури и неделните сатирични програми со Џон Оливер, Саманта Би и Бил Маер, можеа да се гоштеваат со остатоците.

12 и нешто месеци, Претседателот Доналд Трамп беше одличен за комедијата (единствено чудо е што не се обиде да наплати тарифа и за тоа). Лејт шоу на Колбер ги имаше највисоките рејтинзи на сите времиња по основа на „работењето“ на претседателот, а истиот му помогна на Тревор Ноа да го замени Џон Стујарт во фотељата на Дејли шоу.

Во март 2017, Минатата недела вечерва со Џон Оливер на светот му претстави многу смешен сегмент по име „Глуп Вотергејт“. Како што Оливер тогаш објасни: „Релевантното прашање не е ’Што знаел претседателот и кога го знаел тоа’ колку што е ’Дали претседателот е физички способен да ги знае сите работи?’“

Но тука е проблемот: Кога шоуто на Оливер се врати минатиот месец по кратка пауза, работите повторно ги започна со “Глуп Вотергејт“ - или како што Оливер го објасни тоа овој пат „Нешто со потенцијална тежина на Вотергејт кога целата Бела куќа би била на тешки дроги а Никсон би бил ракун со главата заглавена во тегла путер од кикирики.“ Со други зборови, многу напорна шега бидејќи шоуто се има истрошено себе си и својата залиха шеги за претседателот.

Трамп е главна шега веќе две години и, да го цитирам Морисеј, шегата веќе не е смешна. (Од друга страна, единствено задоволство што може да се добие од очигледната замена на тела на поранешниот пејач на Смитс со крајно-десен екстремист е тоа што некаде во Англија, сега има член на УКИП кој го открива меракот на Оскар Вајлд и вегетаријански бургери.)

Секако, „Трамп шоу“ престана да е смешно кога сите сфативме дека тој нема да падне со импичмент неколку месеци по изборот; дека тој ќе ги опслужува само најдолните следбеници од неговата база на поддржувачи: и дека тој нема да се откаже затоа што позицијата бара многу работа со документи (твитовите и потпишувањето извршни наредби прилично се продолжение на тие должности).

И за оние од нас кои мислевме дека наскоро ќе ни досади и ќе се вратиме на нашиот стар живот, не успевавме да сфатиме дека ова е човек кој мисли дека „ennui“ е услуга која се добива во хотел во Москва.

И апсолутно престана да е забавно кога тој сфати дека со еден единствен твит може да ја диктира комплетната агенда на новинските куќи, манипулирајќи ги медиумите по своја волја со неговото мрско одмаздништво. Со тоа се воспостави пракса во која претседателот ќе направи нешто злобно / глупаво / нереално - понекогаш сето тоа и во еден твит - а ноќните ТВ програми ќе одговорат на тоа како павлови кутриња што чуле ѕвонче.

Иронично, комичарката Мишел Вулф беше таа што најдобро го посочи овој проблем во нејзиното неделно шоу на Нетфликс, Брејк, покажувајќи како ноќните програми реагираат на Трамп.

„Ова е делот од шоуто во кој правиме вирален сегмент, и бидејќи ова е комично шоу во 2018, знаеш дека една работа е сигурна: овој комичен сегмент ќе биде искрен и гневен.

А исто така можеш да погодиш дека ќе биде смешен бидејќи сум седната, ќе има графики и факти, и малку ќе остави впечаток како да си во школо,“ објасни Вулф.

Таа беше во право, освен делот дека тоа ќе биде смешно.

Не можеш да ги обвиниш комичарите затоа што реагираат на таков начин - како што Вулф самата ќе забележи, тие ја чувствуваат потребата да удрат по претседателот кога голем дел од медиумите само слепо го следат. Меѓутоа тие исто така се присилени да ја остават комедијата и наместо тоа да станат моралните заштитници на Америка - а кому му треба комичар за тоа? Саманта Би брилијантно започна во Фул фронтал, но по една година во претседателството на Трамп, почна да се чувствува замореноста: чувството беше како искрено да ти се обраќа некој со мегафон во рака.

Друг проблем е што со тоа што се присилени да се фокусираат ексклузивно на Трамп, тие дозволуваат цел еден свет да остане незабележан. Кога во април 2014 прв пат беше емитувана Минатата недела вечерва, првите неколку емисии имаа разнолики теми кои се простираа од изборите во Индија, смртната казна, отфрлањето на климатските промени и руско-украинските односи. Секако сегментите не беа баш документарец на Пи-би-ес, ама и понатаму чувствуваш дека добиваш свеж пристап кон работите низ светот. Без Џон Оливер, на пример, јас не би бил запознаен со радоста на „танцувачките зебри“ на боливиските пешачки премини.

Меѓутоа американскиот претседател сега и официјално е единствената тема - толку многу што по четири лојални години, на почетокот од годинава јас престанав да гледам Минатата недела вечерва, бидејќи секоја епизода почнуваше со „Но прво, Претседателот Трамп“.

На сите ни треба зона без Трамп во нашите животи, и јас одлучив таа зона да биде телевизорот. Можам да читам за Трамп во весници или на интернет, ама не планирам да ги трпам сегментите за него на мојот телевизор.

Дали е коинциденција што популарноста на ТВ програмите за вистински криминал е во подем во времето на Трамп, додека луѓето бараат начин да избегаат од ужасите на секојдневниот живот во уште еден хорор од вистинскиот живот во програми како Making a Murderer, The Keepers и The Detectives?

Сакаме нешто што е извлечено од реалноста, но не таа реалност што секојдневно ни ја презентираат Си-ен-ен, Фокс и компанија. Сепак, и покрај тоа, и понатаму сум уверен дека претседателството ќе заврши со директен пренос на телевизија, и Трамп како вози бел Бронко џип на автопатите околу Вашингтон додека го бркаат федералните власти и Роберт Милер.

И понатаму има една работа на која се уште можеме да се смееме на телевизија, а тоа се симпатизерите на Трамп - нешто кое совршено беше демонстрирано во Who is America? новото шоу на Саша Барон Коен.

Веќе обемно пишував за израелскиот лик на комичарот, полковник Еран Морад, па нема дополнително да елаборирам тука - доволно е да се каже дека симпатизерите на Трамп во шоуто истовремено се и смешни и застрашувачки, со нивната стереотипна омраза кон мигрантите и секој што не е бел Американец со црвен врат.

Интересно е и што исто така научив како повторно да уживам во Минатата недела вечерва - како во брилијантниот сегмент што Оливер неодамна го направи околу тоа што Фејсбук загуби 120 милијарди долари во еден ден и сегментот што го имаше за сексуално малтретирање на работно место. Тајната е едноставно да се премотаат сите референци за Трамп и Глуп Вотергејт. Сега се што треба е да најдам како брзо да премотам кон изборите 2020.

Адриан Хениган

13 август 2018 - 11:43