Пред 15 години Америка ја уништи мојата држава

Кога имав 12 години, Садам Хусеин, во тоа време потпретседател на Ирак, спроведе масовна чистка и ја узурпираше целата моќ. Тогаш живеев во Багдад, и развив интуитивна, длабока омраза кон диктаторот уште на почетокот.

Чувството само се засили и созреваше заедно со мене. Кон крајот на 1990-те го напишав мојот прв роман „Иџаам: Ирачка рапсодија“ за секојдневниот живот под власта на авторитарниот режим на Садам. Фурат, нараторот, беше млад студент кој студираше англиска литература на Универзитетот во Багдад, исто како и јас. Тој завршува во затвор затоа што кажува виц за диктаторот. Фурат халуцинира и го замислува падот на Садам, подеднакво често како и јас. Се надевав дека ќе бидам сведок на тој момент, неважно дали од Ирак или од некаде далеку.

Го напуштив Ирак неколку месеци по Заливската војна во 1991 и заминав на студирање во САД, каде што од тогаш живеам. Во 2002, кога започна навивањето за воена интервенција во Ирак, јас енергично бев против предложената инвазија. САД константно поддржуваа диктатори низ арапскиот свет и не работеа на извоз на демократија, без разлика на слоганите на администрацијата на Буш. Се сеќавам дека еднаш како тинејџер седев во дневната соба со тетка ми, гледајќи ирачка телевизија и го видов Доналд Рамсфелд како го посетува Багдад како пратеник на Роналд Реган и како се ракува со Садам. Ова сеќавање ги прави зборовите на Рамсфелд од 2002 околу слобода и демократија за Ирачаните да изгледаат празни. Плус, тоа што таму живеев за време на претходните две војни (Иранско-ирачката војна од 1980 до 1988, и Заливската војна од 1991) знаев дека вистинските цели на војната секогаш се камуфлирани од добро осмислени лаги кои го искористуваат колективниот страв и повторуваат национални митови.

Јас бев еден од 500-те Ирачани во дијаспората - со различна етничка и политичка припадност, од кои многумина без дисиденти и жртви на режимот на Садам - кои потпишаа петиција: „Не за војна со Ирак. Не за диктатура.“ Го осудуваме владеењето со страв на Садам, а истовремено бевме против „војна која ќе предизвика повеќе смрт и страдање“ на недолжните Ирачани и војна која се заканува дека целиот регион ќе го втурне во насилен хаос. Нашите гласови не беа добредојдени во меинстрим медиумите во САД, кои ги претпочитаа про-војна ирачките-Американци што ветуваа радосни толпи народ кои ќе ги пречекаа освојувачите со „благо и цвеќе“. Такви немаше.

Петицијата немаше некое голем влијание. На 19 март, пред 15 години започна инвазијата на Ирак.

Три месеци подоцна, се вратив во Ирак за прв пат по 1991 како дел од екипата која правеше документарец за животот на Ирачаните во Ирак по Садам. Сакавме да ги покажеме моите сонародници како 3-димензионални суштества, надвор од двојството Садам против САД. Во американските медиумите Ирачаните беа сведени или на жртви на Садам кои чезнеат за окупација или на симпатизери и бранители на диктатурата кои се противат на војната. Ние сакавме Ирачаните сами да зборуваат за себе. Две недели се возевме низ Багдад и зборувавме со голем број од жителите. Некои се уште имаа надеж и покрај тоа што беа исцедени од долги години санкции и диктатура. Меѓутоа многумина беа гневни и загрижени околу она што следуваше. Знаците веќе беа присутни: типична ароганција и насилство од колонијална окупаторска сила.

Кратката посета само го потврди моето уверување и страв дека инвазијата ќе значи катастрофа за Ирачаните. Отстранувањето на Садам е само нус-производ на друга цел: растурање на ирачката држава и нејзините институции. Таа држава беше заменета со дисфункционална и корумпирана полу-држава. Ние се уште бевме во Багдад, кога Пол Бремер, првиот човек на привремената коалициска власт, најави формирање на т.нр. Владин совет во јули 2003. Имињата на секој член на советот беа проследени со името на неговата секта и ентитет. Голем број Ирачани со кои зборувавме дента беа вознемирени од институционализирањето на поделбата на власта по секти и ентитети. Етничките и секташки тензии веќе постоеа, ама нивното претворање во политичка валута беше токсично. Овие невкусни ликови од владиниот совет, од кој најголемиот дел сојузници на САД од претходната декада, се зафатија со ограбување на земјата, правејќи ја една од најкорумпираните во светот.

Имавме среќа што снимавме во краткиот период кога имаше релативна јавна безбедност. Кратко по нашата посета, Ирак пропадна во насилство; бомбашите самоубијци станаа стандард. Инвазијата ја претвори мојата земја во магнет за терористи, а потоа започна и секташкото насилство во кое стотици илјади цивили ги изгубија своите животи, а уште стотици илјади беа раселени, неповратно менувајќи ја демографијата на мојата држава.

Следниот пат кога се вратив во Багдад беше 2013. Американските тенкови повеќе ги немаше, ама последиците од окупацијата беа насекаде. Имав мали очекувања, ама и понатаму бев потресен од грдотијата на градот во кој пораснав и ужаснат од тоа колку секојдневниот живот станал дисфункционален, тежок и опасен за големото мнозинство Ирачани.

Мојата последна посета беше во април 2017. Летав од Њујорк, каде живеам, за Кувајт, каде држев предавање. Пријател Ирачанец и јас ја минавме границата. Јас одев во Басра, на југот на Ирак. Басра беше единствениот голем ирачки град кој претходно го немав посетено. Таму бев на потпишување на моите книги на петочниот пазар на книги во улицата ал Фарахиди, неделно собиралиште на библиофили оформено според славниот багдадски пазар на книги од Мутанаби. Не очекував дека Басра ќе биде убава како на разгледниците од 1970-те. Тој град одамна беше исчезнат. Меѓутоа Басра што јас ја видов беше истоштена и загадена. Градот доста страдаше за време на Иранско-ирачката војна, а неговата пропаст само се забрза по 2003. Басра беше бледа, распадната и хаотична благодарејќи на галопирачката корупција. Нејзините реки беа загадени и се одлеваа. Без разлика, јас отидов на аџилак кај славната статуа на најголемиот ирачки поет, Бадр Шакир ал-Сајаб.

Една од малкуте причини за радост за време на овие кратки посети беа средбите со Ирачаните кои ги имаа прочитано моите романи и беа погодени од нив. Ова беа книги што ги имав напишано од далеку, и преку нив, се обидов да се справам со болното распаѓање на една цела држава и уништувањето на социјалното ткиво. Овие текстови беа прогонувани од духовите на мртвите, исто како и нивниот автор.

Никој точно не знае колку Ирачани умреа како последица на инвазијата од пред 15 години. Некои кредибилни проценки бројката ја одредуваат на над 1 милион. И можеш пак да ја прочиташ реченицата. Инвазијата на Ирак често пати во САД се споменува како „грешка“, па дури и „колосална грешка“. Тоа беше криминал. Тие што ја извршија се уште се на слобода. Некои од нив дури и беа рехабилитирани заради ужасите на Трампизмот и граѓанство со амнезија. (Пред една година го гледав Буш во шоуто кај Елен Деџенерис како игра и зборува за неговите уметнички слики.) Аналитичарите и експертите кои ни ја продадоа војната продолжуваат да го прават тоа што го прават. Никогаш не помислив дека во Ирак би можело да биде полошо отколку под режимот на Садам, меѓутоа тоа е она што американската војна го постигна и им го остави во наследство на Ирачаните.

Синан Антон,
Њујорк тајмс