На Чесите и Словаците подобро им беше заедно

На неколку дена пред шкотскиот референдум за одделување од Британија, поранешниот чешки амбасадор во Лондон има две работи да каже - од распадот на Чехословачка во 1993-та изгубени се многу години, и Шкотите не треба да ја прават истата грешка.

Во споредба со она што тогаш се случуваше во Југославија, разделувањето на Чешка и Словачка изгледа како бајка, "две нови мали држави се појавија на мапата и никому надвор од нивните граници не му беше јасно зошто тие се одделија."

Според Павел Сеифер и разделувањето на Чехословачка е спроведено на релативно деспотски начин од лидерите на двете нации, кои седнаа на чај во една вила во Брно и се договорија. Никој никого ништо не праша, ниту некој излезе на референдум за тоа.

Во текстот во Гардијан, Сеифер објаснува дека без разлика кој што збори, во моментов никој не знае што ќе се случи со Шкотска по отцепувањето. Она што се знае е дека двете страни ќе потрошат многу време барајќи нов идентитет и начини на функционирање.

"Словаците барем имаа чувство за нивната иднина, за тоа што го прават. Тие градеа нова држава. Ама во процесот за малку ќе го пропуштеа возот за Европа и НАТО, и на крајот успеаа да го фатат дури во последната минута. Пред тоа, тие прво требаа да минат преку националистичката, популистичката и корумпирана политика во периодот по разводот, и да се ослободат од истиот лидер кој одлучи за нивната независност под дрвото во Брно. Им беа потребни 6 години.

Чесите генерално се уште не се ни свесни за времето што го изгубија. Ова сигурно има некаква врска со фактот дека нивната држава од разводот не излезе со никакво продлабочено чувство за постоење, без никаква очигледна цел или улога што треба да ја одиграат. Чесите на 1-ви јануари 1993-та се разбудија во поинаква држава ама не го сфатија тоа. На некој начин човек може да го смета она што се случи како реприза на работите кои им се случуваа на Австријците кога Чесите и останатите во 1918-та ја напуштија нивната 'унија,' австро-унгарската империја. По ова им требаше уште половина век за повторно да станат нација, меѓутоа една сосема поинаква. Траумата околу загубата не беше само за изгубеното време и изгубената доминација во рамките на изгубена империја," пишува Сеифер.

Продолжувајќи да ја раскажува приказната за Чешка, Сеифер објаснува дека ним уште им е проблем да "најдат помалку компликувано име од Чешка Република, а во меѓувреме не успеале да најдат ништо полесно отколку половина од старото - 'Чехо'."

"На крајот, 'Чехо' е нација што талка во држава што талка, помалку важна и помалку интересна од нејзините претходници, и на светот воопшто не му е гајле. Дома, речиси две децении се шири чувство на депресија... Сето ова започна кога ја поделивме Чехословачка. Ама ние не знаевме," завршува Сеифер.

10 септември 2014 - 12:26