Кој го има школото, тој ја има Македонија

Еден од најголемите предизвици на југословенското кралство беше културно-просветната политика на Македонија и на Косово (т.н. Јужна Србија), имајќи предвид дека едвај петтина од тамошното население беше функционално писмена, а за познавањето на „официјалниот јазик“ не се ни зборува.

Српскиот крал Александар во посета на училиште во Скопје

Средбата на младата југословенска држава и интровертна отоманска чаршија интересно е да следи токму во доменот на културната политика, имајќи предвид дека просветната традиција на јужните краишта од 19 век беше оптоварена со ривалството на српската, грчката и бугарската пропаганда. Новата држава по инерција ја продолжи политиката што српското кралство го почна во „новите краишта“ по балканските војни, базирано на етничката стратификација на просторот.

Дека просветата е „најдобар и најбрз творец на нацијата“ беа свесни и членовите на управата на Југословенската младина на вардарската бановина, кога кон почетокот на 1930-тите ја оплакуваа неизвесната судбина на Филозофскиот факултет во Скопје. Културната, но и етничката асимилација на југот, кон кои Кралството СХС отворено тежнееше, бараа разработена училишна инфраструктура, дисциплинирани изведувачи во вид на стручен и посветен наставен кадар, како и „верна публика“, односно висок процент на ученичка популација опфатена со просветниот систем. Задоволувачкото ниво на усвоено знаење, кое може да се мери на пример со општиот ученички успех, беше знак дека реализацијата на ваквата идеја е на добар пат. Од овој текст ќе видите дека и покрај комплетниот ангажман на државата, секој од овие сегменти заврши неславно.

                                                                                ***

Во покраина со четири петтини неписмена популација преамбициозните програми за основно училиште, сведени на „коригирање на некнижевниот говор“ на учениците, не наидоа на плодно тло. Иако Видовденскиот устав (1921) прокламираше општо, задолжително и бесплатно основно образование, авторите на уставот предвидоа можност тоа да се „приспособува на средината на која се наменува“, додека националните малцинства можеа да сметаат на образование на мајчиниот јазик само во училиштата до четврто одделение, т.н. народни училишта.

Имајќи предвид дека во Кралството СХС постоеа повеќе различни просветно-правни подрачја, привремената состојба во училишната политика на државата беше донекаде разбирлива. На просторот на Косово и Македонија се работеше по српски закони се до крајот на 1929, кога на сила стапи Законот за народни школи. Во првите години на југословенската држава пресудно влијание на развојот на просветната инфраструктура имаа челниците на Одделението за јавна безбедност, па така во ноември 1924 Живоин Лазиќ иницираше изградба на училишни згради во пограничните срезови „за спроведување национална и културна пропаганда.“

Во краевите со албанско население отворани се училишта на турски јазик, а не на албански. Според тврдењата на функционерите од периодот меѓу 1919 до 1929 во покраината се изградени 487 училишни згради, од кои една петтина се во албанските средини. Тогаш актуелниот став дека училиштата и учителите се „единственото моќно средство за придобивање на народот“ не се однесува на старите генерации образовани во бугарски дух („тие може само со сила да се држат и да се натераат да ги почитуваат законите“ тврди во 1921 началникот на тиквешкиот округ).

Меѓу клупи и змии

Инспириран од буџетските рестрикции за образование, народниот пратеник Светозар Ѓорѓевиќ кон средината на јули 1922, убаво забележал дека „кој жали да даде динар за просвета, тој дава десет динари за казамати и жандарми“. Константната опозициска критика дава плод и до крајот на деценијата уделот на средствата што Министерството за образование го издвојува за изградба на училишта во Косово и Македонија достигна речиси 43% на југословенско ниво. Изгледаше дека културната политика од крајно искрени побуди се врти кон просветно најзапуштените области.

Меѓутоа, иако бројот на основните училишта номинално расте, разликата меѓу пропишаните и исплатените средства (пример, скопските училишта добиваат само 16% од предвидените средства) јасно укажуваше на лошо функционирање на системот: дотирањето преку општинските судови се покажа неефикасно, посебно кога тие трошоци паднаа на товар на сиромашните селски општини. Ситуацијата ја влошуваа и црковните власти, кои под изговор дека им е узурпиран црквен имот, ги исфрлуваа учениците од училница.

Театралниот напор на државата за подигнување нови училишта имаше скромни размери: во најголемиот, скопскиот срез во периодот од 1913 до 1927 подигнати се вкупно 17 нови училишни згради, додека 22 се поправени за „привремено да послужат“. Затоа наставата и понатаму се одвива по изнајмени приватни куќи и напуштени турски колиби, меани и амбари.

Голем број од училиштата се посетувани од само 4-5 ученици, а и покрај прокламираната обврска за школување околу 40% од децата на југот не се запишуваат на училиште, бидејќи куќата „би ја изгубила работната сила“. На крајот од 1927/28 година во основните улишта на покраината Јужна Србија учат сè на сè 7.565 албански деца (1,7 од албанската популација), од кои само 232 се девојчиња. Секако, вината не е само кај државата. Причините за ова треба да се бараат и во конзервативниот менталитет на родителите, оптоварени со „феудални стравови“ и општа аверзија кон училиштето дури и откако основното образование станува задолжително.

„Над милион муслимански деца шетаат како говеда по улиците и не одат на училиште,“ се жалеше пратеникот на Џемијет, Ќенан Зија, обвинувајќи го министерот Светозар Прибиќевиќ. Зборувајќи за неговата акција за затворање на турските училишта Зија вели: „Моите деца, кои имаат од 7 до 16 години, можат многу добро да читаат и пеат српски, француски и малку англиски. Меѓутоа прашајте ги моите деца дали можат на мајчин јазик мене да ми напишат: ’мил татко, се сеќаваме на тебе и те поздравуваме, ние сме твојата душа’. Не можат, а тоа што не можат е грев на господинот Прибиќевиќ.“

Државата била уверена дека Албанците основното училиште го доживуваат како принуда поради сообраќајните компликации, штетното искуство под турската власт, која не пропишуваше задолжително образование, и отсуството на училишна традиција. Ова тврдење во практиката го потврдија и некои училишни општини со кои раководеа самите Албанци, а кои не беа заинтересирани за изградба на училишни згради. Од друга страна, податокот дека за ѕидање на нови школи во Гнилане, Гостивар и Приштина не е издвоен ниту динар во текот на 1920-те, може да се толкува исклучиво како последица на селективна државна политика.

Основните училишта во битолскиот крај претрпеа најголеми оштетувања во време на војните, па и обврската на државата за реновирање таму беше и најголема. Училишниот надзорник во 1924 забележал дека училишните згради за муслимански и еврејски деца не одговараат на елементарните хигиенски критериуми. Покрај тоа во неколку наврати доаѓа до спорење со црковните власти што ги поседуваат тапиите за училишните згради. Значаен проблем во образованието преставува и „погрешниот говор на словенското население“, па во 1921 училишниот надзорник известува дека со решавање на тој проблем се почнува уште во забавиште.

Поради материјалната немаштија на селските општини нивните училишни згради личат на „казнилишта или преноќувалишта за стока“, додека учителите од горнополошкиот срез ги опишуваат како „предворје на гробници во кои младиот и нежен живот на нашите деца венее и скапува“. Улиштето во Железна река беше сместено во црковната шупа, а во друго село наместо тоалет се користат блиските грмушки крај железничката пруга. Во печалбарското село Сретково училишниот подрум е полн со вода и кал, а на таблата и понатаму пишуваше „Српско православно училиште во Сретково во турската империја“. Училишната зграда во Врапчиште имаше два ката, па од таванот врз кујната и канцеларијата паѓаше кал од детските нозе. Слична беше ситуацијата и во Добри Дол, Маврово и Церово.

Наспроти тоа, училиштето во Вруток беше вистинска спротивност на споменатите случаи, веројатно затоа што се наоѓа крај патот за Дебар „по кој минува и странската аристократија,“ па ова велелепно здание требало да остави впечаток на минувачите „како изгледаат сите напори за просветување на народот“. Зградата на старото турско училиште во Црвник е ставена во функција во ноември 1924, кога во неа се вселуваат осум жандарми, а учениците се префрлени во подрум без прозори. „Врата? Прозори? Што е тоа?“ се прашува тамошниот училиштен надзорник во 1925.

                                                                            ***

Ситуацијата не се менува многу ни во наредната деценија, па не е ни чудо што во текот на училишната 1930/31 основно училиште посетува дури секое десетто дете на училишна возраст. Основното образование во народните училишта со закон е ставено близу селата и селаните, т.н. издржување на образовната инфраструктура зависи од свеста на граѓаните за значењето на училиштето и економските можности на општините од чиј буџет се издржуваат.

Постојаното инсистирање на впечатокот дека училиштето му припаѓа на оној што го гради и издржува укажува на осмислената тактика на властите „малостопанственичкиот менталитет“ на селаните на Вардарска бановина да го насочат кон нешто што е од поширок општествен интерес. Во извештаите на училишните надзорници општиот впечаток е дека по 6 јануари 1929, финансирањето на училиштата станува поефикасно, а малверзациите се сведени на минимум. Тие забележуваат дека селаните од југот се многу скромни во своите барања поради што училиштата се правени вон пропишаните норми. Нехигиенските згради како да не им пречеа на просветарите, а уште помалку на селанството.

За разлика од останатите краеви на земјата, состојбата на училишните згради на југот беше под пропишаните норми, и покрај тоа што државните трошоци за ѕидање училишта во периодот од 1930-1938 беа најголеми токму во Вардарска бановина. За да биде работата уште почудна, Вардарска бановина беше прва и по средствата издвоени за изградба на училишта по жител и квадратен километар.

Настојувањето на властите за што пократко време со школо опфатат што повеќе деца придонесе многу училишта да бидат отворени во приватни куќи, напуштени згради на турски големодостојници, црквени објекти, па дури и кафани. Училишните згради и понатаму беа распаднати, нехигиенски и неосветлени, а во неколку случаи е забележан и престанок на работата поради појава на змии.

Градењето репрезентативни училишни згради беше привилегија за Скопје, политичкиот центар на бановината. Во почетокот на 1933 осветена е скапоцената зграда Цар Душан, која ја посетува и самиот крал Александар. Во пасивните, географски изолирани средини школите се помалку личат на просветни установи. Во село во мариовскиот срез во јули 1934 училиштето на два дена е отстапено на армиската комисија за регрутирање чии членови при влегувањето во зградата се шокираат: наместо училишни клупи, сред училница се ставени три камени гнезда со мисирки и поило, додека на ѕидот се клатат искршени слики на членови на кралското семејство. Оваа надреална сцена ја надополнува главниот виновник, управникот на училиштето Светислав Николиќ. кој почнува да им се дере на служителите зошто им ја отвориле училницата на војниците, но и на претседателот на општината затоа што ѝ го отстапил училиштето на регрутната комисија.

Протежирање на изградба на модерни училишни објекти покрај бугарската граница, под изговор дека на исток е „поопасен непријател“, сведочи на пропагандната функција на просветната политика. Наспроти тоа, западниот дел од бановината, познат по печалбарство и отсуство на поголемиот дел од популацијата, беше целосно запустен во таа смисла.

Учители - промотери и жртви на „маќедонскиот“ метод

Наставниот кадар го формира министерството за образование, кое со казнени преместувања на југот носеше учители од Србија, Црна Гора, Босна, Херцеговина и Војводина. Младите образовни работници што немаа протекции беа испраќани на „југословенскиот Сибир“, како што овие краеви често беа нарекувани дури и во парламентот. Притоа не се води сметка за времето кога се вршат тие преместувања, па учениците долги периоди остануваа без настава, се до пополнување на учителското место. Освен ниските плати, просветните работници имаа и станбени проблеми заради што живееа во дотраените делови од училишните згради.

Многу учители таквата состојба ја поднесуваа надевајќи се на брзо преместување во некое гратче, а имаше и случаи кога по проверката на политичката подобност тие беа вработувани во гратчиња, а официјално се водени како наставници во селски основни училишта. За возврат тие им се умилкуваа на своите добротвори, па „колку надзорници ќе се сменат, толку пати тие го менуваа и своето политичко мислење.“

Според опсервациите на воените власти на југот имало недоволно ученици и свештеници, додека меѓу постојниот кадар доминираат полуписмени егзархисти, непотизам и корупција. „Бугарите сигурно не би тргнале по нашиот пат, туку овде би го донеле она што е најдобро. Ние, значи, работиме сосема спротивно,“ забележува полковникот Д. Тасиќ уште во 1921 година.

Во текот на 1920 учителскиот кадар беше со исклучиво шаренолик состав. Во етнички поглед забележлива е апсолутната доминација на Србите, иако државните податоци зборуваат за присуство на 204 наставници од турска националност и 130 албански учители. Сите затечени учители во 1918 се воведуваат како постојани, без полагање на какви било дополнителни испити. Нивните квалификувани колеги ги подржаа од солиднарност, надевајќи се дека „со посветеност на образованието“ ќе ги надоместат професионалните недостатоци. Меѓутоа, времето покажа дека токму „затекнатиот персонал“ беше масата што најлесно може да се моделира и од која Министерството за просвета ќе ги регрутира своите „послушни партизани“, „шпиони“ и ќе ги поставува на места на надзорник. Бидејќи државата без правна основа ги прогласува за постојани учители, тие чувствуваат обврска да ѝ се реваншираат на секој начин, измислувајќи лажни сведоштва против неподобните учители. Така службеното преместување стана рутинско оружје за отстранување на „антидржавните“ и либерални елементи од секој срез: техничките детали т.е. причините за преместување зависеа од фантазијата на училишниот надзорник.

Случајот на учителот од Шумадија кој на својот училиштен надзорник му пријави дека управникот на училиштето речиси една година неовластено располага со пари наменети за изградба на нова заграда, беше речиси секојдневна појава. На учителот „од горе“ му беше предложено да побара ново работно место, бидејќи наводно се знаело дека тој „ги пипа своите ученички од прво и второ одделение“. Работата е дискретно решена, а тужбата на учителот против началникот рутински е изгубена. Управникот на драчевското училиште е преместен во кавадаречкиот срез, а за свој заменик го прогласи сопствениот баџанак. Неколку локални земјоделци го обвинуваа новиот управник дека ги малтретира селаните, во пијана состојба пукал од пиштол во прозорите на кафаната, одземал автомобили, а на јавно место го обвинил локалниот свештеник дека ги злоупотребува тамошните жени. Учителите што сведочеа против управникот беа експресно преместени во други срезови без право на патни трошоци и надоместок за селење.

Обидот на државата објективно да го согледа квалитетот на просветниот кадар на југот се претвори од „поплава од одлични оценки за наставниците“ за што придонесоа попустлвите училишни управници и надзорници. Зборовите на скопскиот учител Спасое Кочиќ искажани во јуни 1927, на годишното собрание на Југословенското учителско здружение („има надзорници кои не се ни за телиња, а камоли за училишни надзорници“) кренаа голема прашина во јавноста, меѓутоа без одек во Министерството за образование, кое спорните надзорници и понатаму ги наградува со највисоки оценки.

Од 1919 до 1923 должноста на училиштен надзорник во кичевскиот срез ја извршуваа седум учители од кои ниту еден немаше соодветна стручна подготовка. Главно се поставувани предвоени привремени учители кои по автоматизам ги задржуваа своите позиции во образовната управа. Како пример, новиот управник на кичевското училиште имаше образование од само две години во крагуевското металообработувачко училиште. Кога веќе не добија квалификувани учители, сметаа кичевските просветари, тогаш е ред да добијат барем квалитетен надзорник, бидејќи „кој го има школото, тој ја има Македонија“. Меѓутоа, властите на срезот во Кучево ги задржаа проблематичните надзорници кои и понатаму живееа терајќи своја работа, подигнувајќи хотели, кафани, книжари и злоупотребувајќи ги средствата од училишниот буџет.

Учителите и училишните управници се појавуваа и како жртви на системот во кој служеа. Царево село на Брегалница беше познато и по драстичните форми на насилство што се спроведува над просветарите, па локалните власти иронично им препорачуваа на учителите пред да дојдат таму да напишат тестамент! Управникот на тамошното училиште беше пресретнат од двајца жандарми кои со кундаци го претепаа „како стар душек“, а и покрај лекарското уверение за телесни повреди, управникот е прогласен за „пијан лажов“. Во текот на 1923 Народна просвета пишуваше дека тамошната жандармерија по наредба на цивилните власти апси и претепува учители.

                                                               ***

И покрај хроничниот недостиг од наставен кадар, Министерството за образование во текот на 1930-те вршеше намалување и тријажа на учителите повикувајќи се на (неофицијалната, но очигледна) потреба за селекција по национално-политичка подобност, но во форма на сузбивање на бугарштината и отстранување на учителите егзархисти. Помалку од една третина од тамошните учители беше од просторите на Вардарска бановина, додека две третини од наставниот кадар го составува млади и неискусни кои образовната централа ги сметаше за површни личности, неподготвени да се жртвуваат за „повисок интерес“.

Иако идеологијата на интегрално југословенство беше најефикасно да се пласира низ училишниот систем, во втората година од диктатурата само една десетина од децата на училишна возраст посетуваа училиште. До 1937 бројната состојба во основните училишта во Вардарска бановина е зголемена за 9%, наставници за 12, додека бројот на основците е пораснат за 22%. Вистина е и дека шестина од учениците годишно отпаѓаше поради престареност, сиромаштија, но и поради болести и смрт.

На подрачјето на скопскиот училиштен срез две третини од училиштата кубурат со наставни средства, станови за наставниците, училишни дворови и задолжителен санитетски преглед. Резултат на драстичните мерки на штедење во годините на економската криза беше отпуштање и пензионирање на 600 учители и затворање на 23 училишта. Само во 1932 дефицитот на училишниот кадар услови прекин на работата на 248 одделенија. Во бановината немаше постојан стручен надзор бидејќи сите училишни надзорници по некој чуден тек на околности имаа статус на вршители на должност.

Управниците на училиштата остана без секретари и административен персонал, додека на учителските места се поставува исклучиво почетници. Кон крајот на 1939 секое второ селско училиште во Вардарска бановина беше без наставник, поради што просветното одделение на банската управа молеше да се престане со преместувања. Преоптовареноста на учителите не можеше да биде решена без вработување на 3.000 нови просветни работници.

Косовски циклус вс. бугарофилство

Просветната политика на југословенското кралство беше опседната со потребата за провлекување на антибугарска акција низ наставните планови и програми. Светозар Прибиќевиќ уште како министер за образование во февруари 1922 предложи мерки што подразбираа потенцирање на наставата од групата на т.нр. национални предмети - српски јазик, национална географија и историја; „да се инсистира нашата училишна младина да се осигури во уверувањето дека ни нивните родители, ни нивните предци воопшто немаат ништо народно заедничко со формирањето и животот на бугарскиот народ.“

Сузбивањето на „бугарофилството“ систематски е спроведувано уште по Балканските војни, но свој врв доживеа меѓу двете светски војни. На удар беа срезовите на бугарската граница, но и цело Повардарие. На учителите од скопскиот срез во 1928 им е посочувано повеќе внимание да обрнат на „националното воспитување“ и формирање хорови, друштва на трезна младина, стрелачки и соколски друштва.

Инаку, во наставната програма за основни (4-оделенски) училиште беше предвидено изучување на 17 предмети. Наука христијанска имаше за цел „будење на религиско-моралните чувства“, па во прво одделение беше посветено внимание на молитвите, додека во следните одделенија учени се разни поучни приказни од аграрно-патријархална тематика. Наставата на српски јазик имаше за цел „развивање на националните и патриотски чувства“, па деца уште од второ одделение на памет учеа поучни изреки и „лесно разбирливи народни песни.“ Во следното одделение на учителите им се сугерира да практикуваат „наизуст учење на што повеќе народни песни од циклусот Косово“. А во последното одделение основците ги чекаше вежбање на краснопис, правописни вежби и напамет учење на „што подолги народни песни“.

Предметот Историја на Србите, Хрватите и Словенците имаше за цел „познавање на минатото на својот народ и будење национални и патриотски чувства“ и се изучуваше во трето и четврто одделение. Во текот на една училишна година учениците учат за стариот српски роден крај, преселбата, жупаните и Немањиќи, заклучно со пропаста на Србија и „страдањето под Турците“. Другата половина на програмата по историја го опфаќаше периодот од Првото српско востание, со тоа што посебно внимание се посветува на балканските војни.

Географијата исто така ги запознаваше учениците од трето и четврто одделение со својата татковина, но и „будеше љубов кон неа“. Основците на часови ја цртаа околината, се ориентираа во просторот, учеа за речни сливови, патишта, управа и државни симболи на татковината, а во четврто одделение наставата по географија беше посветена на изучување на територијално-административните единици на Кралството СХС.

Цртање и краснопис имаа за цел „развивање на сетилата за вид и чувството за точност, правилност и убавина“, додека со Пеење се стимулирани слухот, гласот и чувството за убавина и се постигнува „припитомување и облагодарување на срцето“. Црквеното пеење беше дозволено само во ученичките хорови додека во наставата се препорачува изведување на „световни патриотски народни песни“. Кореспонденција се држи само во четврто одделение и судејќи по нејзината содржина таа ги подготвува децата на размислување за евентуална државна служба.

Кон крајот на 1920-те било очигледно дека очекуваните резултати потфрлија на сите полиња. Напредокот е едвај видлив дури и во претставителниот скопски срез. Иако успехот во наставата е оценуван како задоволителен, посебно кога се работи за „запознавање на Татковината“ и „ширење на убави песни и убави навики“, процентот на основци кои во 1923 го завршија запишаното одделение изнесуваше 16% во Скопје, а во Качаник вкупно 7% од запишаните ученици!

Од агол на претставниците на 6-то јануарскиот режим училишното прашање во Вардарска бановина беше првенствено важно со цел преку системот на училишта да се растури свеста за привременоста на српското присуство кое своевремено ја генерираа албанската, бугарската, турската и австриската пропаганда. При јавните расправи за културната и просветна политика на југот доминираа предлози за подобра координација и кадрова политика, искоренување на површноста во културата, порационално разбирање на „националниот тон“ и потреба за промоција на југословенството.

Кон средината на декември 1933 училишниот надзорник објави преглед на училиштата во Бујановац, Владичин хан, Предејане и Грделица и утврди дека таму не бил нагласен правилен говор туку „лошо читање“. Граматиката се учи посебно, без практични пример и вежбање. Наставата по Географија ја карактеризираат обичен вербализам и недостаток на ориентација, додека наставникот по историја бил искрен: „Моја цел не е да ги научам историја, туку воспитно да се делува на младината, да се воодушеви од благородната работа на големите луѓе и да се буди љубов кон домот и татковината и кон сите оние установи што се извојувани со јунаштвото и работата на нашите дедовци.“

На се почестото пишување на печатот за суровоста на учителите реагираше југословенското Министерство за образование изнесувајќи податоци дека од 2.920 учители во последните три години вкупно 10 од нив одговарале за „злоупотреба на физичка казна“, односно дека тоа главно биле нервно болни наставници.

Софискиот весник Македонија во декември 1932 објавува текст „Како воспитуваат српските учители“, инспириран од трагичниот случај во Крива Паланка кој настапил како последица на свирепо сведување на целата настава на српски јазик. Учителите наводно ги малтретирале децата кои послабо зборуваат српски, па така училишниот надзорник во јануари 1933 на смрт го претепал 12-годишниот Мирче Стевановиќ. На прашањето на надзорникот „Со што се патува од Паланка до Куманово?“ несреќното дете одговорило „С кола“, па е претепано и по два дена умира.

И други бугарски новини на ударните страни пренесуваат вести за тортурата што ја спроведуваат српските учители. Софиска Зарја на почетокот од 1931 објавува текст за трагедијата во кумановското основно училиште каде учителот го усмртува синот на тамошниот општински чиновник Стефан Јосифов. Имено, откако просветниот инспектор од Скопје го посетува училиштето и заклучува дека малиот Јосиф не знае српски јазик, учителот се разбеснува. Штом инспекторот го напушта училиштето, учителот го фаќа детето за уши и му ја удира главата од ѕид се додека овој не се онесвестил. Општинскиот лекар констатира потрес на мозок, а детето умира четири дена подоцна. Неговиот татко заедно со остатокот од семејството се преселува во Софија.

Анти-бугарските активности подразбираат и строга цензура на книги во срезовите крај бугарската граница. Од началството на царевоселскиот срез пристигнуваа извештаи за масовното уништување на бугарските учебници кои останале уште од време на бугарската окупација. Кон крајот на 1930 во босилоградскиот срез запленети се бугарски книги во кои Крале Марко се велича како Бугарин заради што е донесена одлука во источните срезови да се поделат книги за здравје и оние со „патриотска содржина“. Оваа пракса се одржува и во наредните години, па така пролетта 1938 управникот на охридската читална се фалеше како благодарејќи на дарежливоста на Дворот успева да отвори детска библиотека составена од брошури за Караѓорѓевиќ, косовските јунаци, но и монографии посветени на Белград и Шумадија, „матицата на српството“.

Споменатите мерки не ги дадоа очекуваните резултати, дури може да се каже и дека предизвикаа контраефект. Во очи на Втората светска војна во речиси сите основни училишта источно од Вардар наставата е изведувана на „бугарски дијалект“. Пробугарски настроените родители нерадо своите деца ги испраќаат во државни училишта, а просветните власти беа немоќни да влијаат на локалното население.

Владан Јовановиќ,
Пешчаник

6 ноември 2017 - 12:17