Кога ќе убиеш десет милиони Африканци, не те викаат „Хитлер“

Повеќето луѓе не чуле за него. Но би требало да го знаете. Кога ќе му го видите лицето, или ќе му го чуете името, би требало да ви се слоши.

Погледнете ја фотографијава. Знаете кој е на неа? 

Повеќето луѓе не чуле за него. 

Но би требало да го знаете. Кога ќе му го видите лицето, или ќе му го чуете името, би требало да ви се слоши, како кога читате за Мусолини или за Хитлер, или кога ќе видите некоја од нивните слики. Затоа што тој има убиено повеќе од 10 милиони луѓе во Конго.

Неговото име е крал Леополд Втори од Белгија.

Тој бил „сопственик“ на Конго во текот на неговото владеење како уставен монарх на Белгија. По неколку неуспешни колонијални обиди во Азија и Африка, се фокусирал на Конго. Го „купил“ и го поробил тамошното население, претворајќи ја целата земја во негова лична планатжа со робови. Ги камуфлирал неговите бизнис трансакции како „филантропски“ и „научни“ напори под плаштот на Меѓународното африканско здружение. Го користел робовскиот труд за да ги искористи конгоанските ресурси и услуги. Неговото владеење било наметнувано преку работни логори, телесни унакажувања, егзекуции, тортура и со помош на неговата приватна армија.

Повеќето од нас - сè уште не знам приближен процент, но се плашам дека е екстремно висок - не учат за него во школо. Не слушаме за него во медиумите. Тој не е дел од повторуваната нарација во врска со опресијата (што вклучува нешта како холокаустот, или Втората светска војна). Тој е дел од долгата историја на колонијализам, империјализам, ропство и геноцид во Африка, која би можела да се судри со општествената конструкција на белечката супремација во нашите училишта. Таа не се вклопува во капиталистичката наставна програма. Во едно коректно општество правењето отворени расистички забелешки (понекогаш) се осудува, но притоа е сосема во ред да не се зборува за геноциди направени во Африка од страна на европски капиталистички монарси. 

Марк Твен има напишано сатира за Леополд, под наслов „Монологот на кралот Леополд, одбрана на неговото владеење во Конго“, во која тој се потсмева на одбраната на кралот на сопственото владеење со терор, главно преку сопствените зборови на Леополд. Сатирата има 49 страници. Марк Твен е популарен автор во американските државни училишта. Но како со и повеќето политички автори, ние најчесто ги читаме нивните најнеполитички дела, или ги читаме без да научиме зошто авторот ги напишал (Орвеловата „Животинска фарма“, на пример, служи за засилување на американската антисоцијалистичка пропаганда, но Орвел бил антикапиталистички револуционер од посебна сорта - нешто што никогаш не се посочува). Можеме да читаме за Хаклбери Фин и за Том Соер, но Монологот на кралот Леополд нема да биде на списокот задолжителна литература. Ова не е случајно. Списоците се правени од одбори за образование за да ги подготват учениците да следат наредби и добро да издржуваат досада. Oд гледна точка на Министерството за образование, Африканците немаат историја.

Кога учиме за Африка, учиме за еден карикатуризиран Египет, за епидемијата на ХИВ (но никогаш и за причините), за површните ефекти на трговијата со робови, и можеби за јужно-африканскиот апартхејд (кој секако е одамна, одамна завршен). Гледаме голем број фотографии на прегладнети деца на реклами за христијански добротворни установи, гледаме сафари на каналите со животни и гледаме слики од пустини во филмови. Но не учиме за Големата африканска војна или за владеењето со терор на Леополд во текот на геноцидот во Конго. Ниту пак учиме за она што САД го имаат направено во Ирак и во Авганистан, потенцијално убивајќи од 5-7 милиони луѓе со бомби, санкции, болести и изгладнување. Бројот на жртвитe е важен. А ние не ги броиме Авганистанците, Ирачаните или луѓето од Конго.

На Википедија има сајт „Геноциди низ историјата“  Геноцидот од Конго не е вклучен (во меѓувреме нешто е спомнато - заб. прев). Конго додуша е спомнат. Она што денес се нарекува Демократска Rепублика Конго е на списокот рефренци за Втората војна во Конго (исто така наречена Африканска светска војна или Големата војна на Африка), каде обете страни во мултинационалниот конфликт бркаа Пигмејци и ги јадеа. Канибализмот и ропството се огромни зла кои мораат да бидат влучени во историјата и за нив да се зборува, но не можам а да не помислам чии интереси се застапувани кога единственото спомнување на Конго на сајтот е поврзано со мултинационални инциденти во кои малцинство луѓе се јадат едни со други (сосема вон контекстот на условите кои довеле до конфликтот). На приказни кои го поддржуваат наративот за белечката супремација, а во врска со субчовечката природа на луѓето во Африка, им се дозволува да влезат во архивите на историјата. Белиот човек кој го претворил Конго во лични дел-плантажа, дел-концентрационен логор, дел-христијанска мисија и убил 10-15 милиони Конгоaнци не влегува во списокот.

Гледате, кога убивате 10 милиони Африканци не ве викаат „Хитлер“. Вашето име не симболизира жива инкарнација на злото. Вашето име и вашата слика не поттикнуваат страв, омраза и тага. Не се зборува за вашите жртви, и вашето име не се памети.

Леополд бил само еден дел од илјадници нешта кои помогнале во конструирањето на белата супремација и како идеолошка нарација и како материјална реалност. Секако не сакам да кажам дека во Конго тој бил единствениот извор на зло. Имал генерали, војници на терен и раководители кои му вршеле работа и ги спроведувале неговите закони. Тоа било систем. Но тоа не ја негира потребата да се зборува за поединците кои се симболи на системот. Но не успеваме дури ни во тоа. А со оглед на тоа што не се зборува на оваа тема, што ѝ има направено капитализмот на АФрика, сите привилегии на богатите бели луѓе добиени од геноцидот во Конго се скриени. Жртвите на империјализмот, како и обично, стануваат невидливи. 

автор: Лиам О’Келеј

22 август 2016 - 19:05