Поглед од Бугарија

Кога името не е важно

Драги Македонци, да си во Европа, во голем дел е исто како да си вон Европа. Сè зависи од тоа што сакате и што сте подготвени да истрпите. Колку ќе им барате и како ќе ги избирате оние кои треба да ве водат. Прашање на стандарди, како и сè во животот.

Драги Македонци, не очекувајте чуда од Европската унија, а уште помалку - од НАТО. Треба да ве водат многу достоинствени и чесни луѓе за животот да ви се промени на начинот на кој во моментов ја замислувате таа промена. Корупција и криминал има насекаде. Но кога тие ќе проникнат низ целата држава, по балкански шаблон, младите почнуваат да си го замислуваат животот на друго место, вон вашата држава.

Борете се за интегритет, кој недостасува кај голем дел од политичките елити на постарите земји членки.

Драги Македонци, сега од Европа ќе почнат да пристигнуваат многу пари. Стотици милиони евра. Голем дел од тие пари ќе бидат украдени, не може поинаку. Но со останатите ќе бидат обновени патиштата, ќе бидат санирани зградите, ќе бидат преобоени фасади, ќе им биде дадено на земјоделците. Не заборавајте, колку помалку ќе украдат, толку подобро за вас.

Ако приходите ви растат повеќе отколку што тоа го дозволува растот на економијата, ќе се појават добрите Германци и ќе ве спасат како Грците. Но, тие како Германци веќе имаат лошо искуство, па сепак - бидете внимателни.

Драги Македонци, некои луѓе ќе се збогатат. Многу ќе се збогатат. Тие ќе добијат милиони од вашата европска перспектива, но ќе бидат првите кои ќе се спротивстават на Европа кога ќе добијат команда да го направат тоа. Пазете се од нив и од нивните политички пиони, кои ќе се насоберат, за да уништат сè што е западно.

Драги Македонци, фудбалската репрезентација ќе ви станува се послаба, колку повеќе се приближувате кон Европската унија. Ќе јадете француски и холандски сирења, ќе пиете белгиски пива и ќе кажувате „Исти се како нашите“. Цигарите и алкохолот драстично ќе поскапат, здравството нема да ви стане подобро. А кога ќе се отворат границите, докторите ќе заминат на запад, затоа што имаат право да го работат истото за многу повеќе пари.

Драги Македонци, да си во Европа, во голем дел е исто како да си вон Европа. Сè зависи од тоа што сакате и што сте подготвени да истрпите. Колку ќе им барате и како ќе ги избирате оние кои треба да ве водат. Прашање на стандарди, како и сè во животот.

Дали ќе бидете пасивни кога ќе гледате дека ве лажат, дали ќе бидете пасивни кога ќе има криминал и корупција. Никогаш не заборавајте дека власта е огледало на вашиот општ колективен менталитет на општеството. И на исток, и на запад, и на север, и на југ и името тука не е важно.

Сè друго се мастики. Како што гласеше една реклама која одеше по македонките телевизии: „Џвакај и енергизирај се“.

Светослав Иванов (целата колумна тука)

 

22 јуни 2018 - 13:32