Како "Friends' ја иницираа пропаста на западната цивилизација

"Го гледам газот на Ким Кардашијан на насловната веб страница на CNN и ми е страв" вели еден многу интересен текст по кој самракот на западните вредности започна со популарната серија и тоа како таму помина единствениот интелектуалец меѓу пријателите.

Сакам да зборувам за едно популарно ТВ шоу кое со жена ми го гледаме на екс на Нетфликс. Тоа е приказна за еден семеен човек, научник, гениј кој западнал во погрешно друштво. Тој полека завлегува во лудило и во очај, воден од сопствениот егоизам. Од грешка во грешка, станува чудовиште. Се разбира, зборувам за "Пријатели" и трагичниот херој на серијата, Рос Гелер.

Можеби ја гледате како комедија, но јас не можам да се смеам со вас. За мене Пријатели е промоција на антиинтелектуализмот во Америка, каде талентираниот и интелигентен човек е уништен од неговите сограѓани-идиоти. Па дури и да ја гледате серијата од мојата гледна точка, тоа не е важно. Постојаниот наплив на смеа од живата публика во студиото секогаш нè потсетува дека нашите реакции се одвишни и непотребни.

Самата насловна песна е полна со злокобност, велејќи ни дека животот е во суштина лажовен, целите во кариерата се предмет на потсмев, сиромаштијата е зад аголот, и - о да - вашиот љубовен живот е мртов. Но вие секогаш ќе го имате друштвото составено од идиоти. "They will be there for you".

Веднаш ви е подобро, нели?

Можеби треба да го образложам ова за неупатените. Ако се сеќавате на 1990-тите и на раните 2000, и ако живеевте блиску до ТВ приемник, тогаш знаете за „Пријатели". Тоа беше прајмтајм ТВ настан во четврток навечер кој мора да се гледа, со најсимпатичниот ансамбл кога и да се составен од кастинг агент: сите млади, сите од средната класа, сите бели, сите хетеро, сите привлечни (а достапни), сите морално и политички амебасти, и сите со лесно сварливи карактери. Џои е смотаниот. Чендлер е саркастичниот. Моника е опсесивно-компулсивната. Фиби е хипикот. Рејчел, по ѓаволите, не знам, Рејчел е по шопингот. И Рос. Рос беше интелектуалецот и романтичниот.

Постепено публиката на Френдс, околу 52,5 милиони луѓе, се сврте против Рос. Но ликовите од шоуто му беа нас'скани уште од почетокот (земете ја првата епизода, кога Џои му вели на Рос „Ако типов рече здраво, ќе се убијам"). Всушност кога и Рос да каже нешто во врска со неговите интереси, неговите студии, неговите идеи, кога и да почне реченица, некој од неговите „пријатели" почнува да мрчи и да вели колку е тој досаден, колку е глупо да се биде умен, и дека никому не му е гајле за тие теми. И тука веднаш доаѓа смеата од публиката во студиото. Ова се случува речиси во секоја епизода, во тек на 10 сезони. Крив ли е Рос што побудале?

И како во грчка трагедија, нашиот херој е фатен во стапица на пророштво кое не може да се избегне. Продуцентите на шоуто, како несопирливиот глас на боговите, соопштија дека Рос мора да заврши со Рејчел, онаа што сака шопинг. Искрено, мислам дека можеше да помине подобро.

Зошто толку сочувство со Рос?

Шоуто заврши во 2004. Истата година почна Фејсбук, Буш доби втор мандат, тоа е годината кога реалната телевизија стана доминантна сила во поп култрата, Американски идол го започна осумгодишниот терор како шоу бр. 1 во САД, истата година Парис Хилтон го почна нејзиниот „лајфстајл бренд" и објави автобиографија. Годината 2004-та беше онаа кога целосно се откажавме, и ја прифативме ступидноста како вредност. Прашајте ги Грин Деј: нивниот албум Американски идиот беше објавен во 2004 и доби Греми за најдобар рок албум. Не можеле подобро да го погодат моментот. Отфрлањето на Рос го обележа моментот кога голем дел од Америка се потсмеваше, среде реченица, на гласот на разумот.

Да, мојата теорија е дека „Пријатели" можеби се поводот за распадот на западната цивилизација. Веројатно мислите дека сум луд. Но да го цитирам Рос: „О, сум? Сум? Дали сум полудел? Го губам разумот?" Дали знаете дека песната во пилот-епизодата беше „Ова е крајот на светот каков што го знаеме (и мене ми е добро)" од Р.Е.М.? Весела песна со апокалиптична порака која остана главно незабележана.

Во 2004 бев наставник. Го водев училишниот шаховски клуб. Гледав како моите студенти се предмет на потсмев и малтретирање. Дадов се од себе да ги одбранам, но не можев да бидам насекаде. Моите ученици беа паметни, "бубалици", и беа на непријателска територија. Другите студенти чекаа пред мојата канцеларија за да ги напаѓаат членовите на шаховскиот клуб кои се среќаваа таму секој ден на ручек. Во текот на мојот ангажман како наставник добив репутација на страв и трепет за насилници и бранител на бубалици. Ви кажувам: првите можат да бидат злобни, но знаеа дека г-дин Хопкинс е многу полош.

Можеби интелектуалците секогаш биле прогонувани и заклучувани во ормани, но нешто од стомак ми вели дека сме го допреле дното на кое интеракцијата преку социјалните медиуми ја има заменето вистинската дебата и политичкиот дискурс, каде политичарите се вреднувани преку тоа дали би сакале да испиеме пиво со нив, каде научните консензуси се отфрлаат, научните истражувања не се доволно финансирани, а новинарството тоне во гласини во врска со славните.

Го гледам газот на Ким Кардашијан на врвот на CNN.com и ме фаќа страв.

Можеби сето тоа е наивна забава. Како веселата смеа на публиката во студиото. Можеби. Но искрено сум загрижен дека не сме сториле доволно да култивираме интелектуална љубопитност во нашата култура.

За среќа, некаков отпор има. Храбри луѓе, кои не се плашат да започнат реченица со „Дали знаете дека...". Ова се Росовците на светот. Ги гледав во мојот шаховски клуб. Ги гледам низ мојот град, криејќи се во музеите, клечејќи во книжарниците за стари книги, разменувајќи погледи во библиотеки и кафе барови, и мувајќи се во нашите училишта и факултети.

Немаше надеж за Рос. Тој спобудале, и да, навистина стана неподнослив.

Па, како да ја задржиме нашата разумност во ваков глуп, глуп свет? Не би бил добар наставник кога не би бил подготвен со неколку идеи.

Број 1: прочитај ебена книга. Се случува нешто посебно кога ќе се одделиш од сите нешта кои го одземаат вниманието во модерната култура и ќе се втопиш во роман. Се отвараш за нови идеи, нови искуства, нови перспективи. Тоа е експеримент на трпение и концентрација. Новата школа за општествени истражувања во Њујорк докажа дека читањето литература ја подобрува емпатијата. Вистина е. Читањето те прави помалку кретен. Па, читај често. Читај тешки книги. Читај контроверзни книги. Читај книга која ќе те расплаче. Читај нешто забавно. Но - читај.

Број 2: научи нешто. Твојот мозок е способен за толку многу нешта. Храни го. Научи нешто ново. Најголемата закана за напредокот е верувањето дека нешто е премногу сложено за да се поправи. Сиромаштијата е постојана. Расизам секогаш ќе има. Израелско-палестинскиот конфликт е претежок за разбирање. Јавниот образовен систем е пропаднат. Образовај се, за да можеш да бидеш дел од разговорот. Научи нешто научно, нешто математички. Истражувај ја филозофијата. Студирај палеонтологија. Обиди се да научиш нов јазик. Не мора течно да го зборуваш, само стави неколку зборови во глава. Слушај образовен подкаст. Професори од познати факултети - Харвард, Јеил, Колумбија, Станфорд - нудат свои предавања онлајн бесплатно. Помисли на сето она што би можел да го научиш. Еден од моите најголеми предизвици како наставник е да ги убедам учениците дека се паметни откако некој им кажал дека се глупи.

Број 3: престани да купуваш толку срања. Ова можеби изгледа како нешто што не е поврзано со претходното, но верувам дека потрошувачката култура и културата на идиоти се поврзани. Поедностави си го животот. Идиотите доминираат во нашиот културен песјаж затоа што тоа продава повеќе Најк патики и Биг мекови. Кога ќе промислиме што внесуваме дома, тогаш потешко сме манипулирани од празни имуплси.

И конечно: заштити ги бубалиците. Еден компјутерски програмер од Сиетл прави повеќе за да ја намали светската сиромаштија, гладот и болестите преку фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс отколку кој и да е друг човек во Америка во моментов. Бубалиците прават вакцини. Бубалиците градат мостови и патишта. Тие стануваат учители и библиотекари. Ни требаат овие вознемирувачки умни луѓе, затоа што тие го прават светот подобро место за живеење. Не можеме да ги оставиме да треперат пред општество кое превртува очи на секој збор што ќе го кажат. На Рос му требаат подобри пријатели.

Дејвид Хопкинс

29 март 2016 - 12:20