Американска перспектива:

Чуму ни е НАТО?

Трамп ни приближно не е првиот Републиканец кој јавно ја преиспитувал потребата од постоење на НАТО, пишува Питер Беинарт во анализа за Атлантик, потсетувајќи дека членството во НАТО, за жал, нема клучна врска со демократијата во таа земја. Во име на некој нов грант за борба против 'сè помоќниот непријател', ги чекаме Борјан и Орданоски да го прогласат и Атлантик за руска пропаганда.

Во неговите повторни напади на Западната алијанса - кои кулминираа со збунувачки утрински извештаи дека Трамп се заканува „дека ќе тргне по свој пат“, за подоцна да следува изјавата „јас верувам во НАТО - Доналд Трамп покрена многу важно прашање: Која е целта на НАТО?

Денес, дури и поставувањето на ова прашање те става на маргините на американската дебата околу надворешната политика. Не беше секогаш така. Џејн Киркпатрик, поранешната амбасадорка во О.Н. назначена од Роналд Реган, во 1990-та објави дека „НАТО нема да ја преживее сегашната реконфигурација на Европа.“ Секоја година Американскиот институт за претприемчивост ја дава наградата Ирвин Кристол, крстена по „кумот на неоконзерватизмот“. Во 1993, Кристол пишува дека НАТО е „на пат кон изумирање“ како што Америка почнува да го прифаќа „препородениот национализам“. Ова, дополнува Кристол, „е нешто што голем број конзервативци долго време го чекаат.“

„Зошто НАТО?“ не е лудо прашање. Можам да замислам четири можни одговори.

Прво: за да се одбие воена закана од Русија. Да, човек може да помисли, Русија не е воена сила како Советскиот сојуз, но таа и понатаму ги распарчува своите соседи. Само погледни што направи Путин во Грузија и Украина. НАТО е она што го спречува истото тоа да и го направи на Естонија.

Второ: За да се бори со терористи и други слични негативци. Од завршувањето на Студената војна, секогаш кога САД сакаше да помогне со воена интервенција, тие често се потпираа на НАТО. Кога администрацијата на Клинтон не можеше да добие одобрение од О.Н. за војната во Косово од 1999, таа се сврте кон НАТО не само за легитимитет туку и за дополнителна воена сила. Во 2011, НАТО интервенираше во Либија. НАТО обучува војници во Авганистан и се бори против тероризмот уште пошироко. Заблуденоста на американската јавност околу овие „странични“ мисии - и виртуелниот крај на војната против ИСИС - се дел од она што му овозможува на Трамп да го нападне НАТО. Ама, еден ден, ќе се појави нова „странична“ закана која ќе ги натера Американците да се чувствуваат подобро околу помошта на НАТО.

Трето: да се држи Германија послушна. Иронијата зад барањето на Трамп Германија да почне посериозно да вложува во својата војска е што токму тоа е една од причините зошто НАТО е создаден, за да се спречи Германија да гради своја војска. Два пати во 20-от век Берлин започна свои освојувачки походи на Европа. НАТО делумно беше создаден за да се осигура дека Германија никогаш повторно нема да може да го направи тоа. Човек ќе праша дали тоа и понатаму е легитимен страв имајќи предвид колку длабоки корени има пуштено либералната демократија во Германија. На што, поддржувачите на одговорот број 3 можеби ќе одговорат: А зошто да дознаваме? 70-те години европска историја од создавањето на НАТО беше далеку подобра отколку претходните 50. Зошто да си играме со успехот?

Сите овие одговори имаат свои ограничувања, свои слабости, но ниту еден не може да го објасни стравот кој го предизвикаа нападите на Трамп врз НАТО. Тој страв потекнува, над сè, од четвртиот одговор, кој често пати повеќе се претпоставува отколку што е артикулиран: дека НАТО помага да се зачува либералната демократија меѓу нејзините членки.

Кога политичар го брани НАТО од нападите на Трамп, тој речиси секогаш ја опишува Алијансата како бастион на демократијата. На почетокот од месецов, четворица сенатори од Демократите повикаа Трамп „да даде силна поддршка за демократските нации кои ја сочинуваат Алијансата.“ Објаснувајќи зошто Сенатот неделава изгласа резолуција која ја потврдува американската поддршка за НАТО, Републиканецот од Јужна Дакота, Џон Тјун ја нарече организацијата „нешто кое повеќе од половина век им служеше на слободољубивите држави.“

Ова е малку чудно. Чудно е затоа што иако НАТО повелбата зборува за „демократија, лична слобода и владеење на правото,“ демократијата не е предуслов за членство. Португалија се приклучува кон НАТО уште при основањето во 1949. А не станува демократија уште цели 25 години. Меѓу 1967 и 1974, со Грција - уште една членка на НАТО - владее воена хунта. И уште порелевантно денес, владите на Полска, Унгарија и Турција станаа драматично помалку слободни во изминатите години. А сепак се во НАТО.

Суровата вистина е дека иако многумина критичари на Трамп го ценат НАТО затоа што го гледаат како гарант за демократијата и слободата, на таа тема организацијата во последно време не си ја врши својата работа баш најдобро. Не затоа што се покажа неефикасна во справување со Владимир Путин туку затоа што беше неефикасно во справување со апсолутистите во своите редови. Ако симпатизерите на НАТО сакаат да ја засилат организацијата во однос на нападите на Трамп, тие треба да размислуваат токму на оваа тема.

Најдобро место а да се почне со тоа е Полска. Причината зошто Полска - а не Турција или Унгарија - е затоа што таа, за разлика од другите две, очајно сака нешто од НАТО: долгорочно присуство на американска војска на нејзино тло. Полска, која од историски причини останува уплашена од можна руска агресија, не само што го има остварено минимумот што го бараше Трамп од инвестирање 2% од своето БДП-то на одбрана, туку и понуди да потроши дополнителни 2 милијарди долари за изградба на трајни бази за престој на американските војници.

За време на интервју на почетокот од неделава, Џефри Ратке, висок соработник во Центарот за стратешки и меѓународни студии кој претходно работеше во седиштето на НАТО, ми спомна дека Америка би можела да è понуди договор на Варшава. Полска да ги добива американските војници доколку ја врати независноста на судскиот систем и слободата на медиумите. Во комбинација со притисокот од Европската унија, ваквата американска понуда би можела да им даде нова сила на оние Полјаци кои се борат за слобода и владеење на правото, и придвижување на НАТО поблиску кон она што неговите поддржувачи тврдат дека е: бранител на слободата во Европа.

Дали таков предлог е доволно уверлив додека Трамп - и самиот апсолутист во најава - раководи со САД? Не. Но ако неговите критичари сакаат ефикасно да го одбранат присуството на Америка во НАТО, тогаш тие мораат подобро да ги објаснат вредностите на НАТО. И ако тие мислат дека НАТО е вреден затоа што ја крепи демократијата кога е соочена со апсолутистички закани, тие мора да покажат како НАТО може да го направи тоа. Полска е вистинското  место за започнување.

14 јули 2018 - 13:32