Балканот пред нов црн бран

"Укинeте ја Србија!", немоќно ќе зацвили Борис Дежуловиќ во пресрет на престојното есенско цунами ријалити шоуа кое наскоро ќе ги запоседне далечинските управувачи во регионов. Наместо Србија читајте Македонија и ќе се чувствувате како дома, пред телевизор.

Ријалити концептот во Србија го замени историски народниот концепт на шинел и мантија: некогаш едно дете се праќаше во војска а друго во попови зашто за сиромашната софра тоа значеше две гладни усти помалку. Денес сиромаштијата ги дава децата во селебритија - едно во Ѕвездите на Гранд, друго во Ѕвездите на Пинк, во Фарма или во Парови, како кому му се падне кој род или војна пошта. Кој нема среќа да го примат, од резил нема смее дома да се врати: болежливи несреќници од Власотинце или Владичин Хан со дијагноза "неспособен за ријалити", ги преколнуваат и молат дежурните офицери на капиите во студијата оти не смеат на татко пред очи да му излезат. "Кој не е за ријалити, не е ни за жена".

Не е значи проблемот што српските ријалити се стварност - според некои експерти за надворешниот свет, изгледа дека зборот 'ријалити' на англиски јазик дури и значи стварност. Проблем е што таа стварност е српска: Големиот брат, Фарма, Парови, Хотел Малдиви и сличен неопеан телевизиски треш денес функционира онака како што кон крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години на минатиот век функционираа филмовите на југословенскиот црн бран, плукајќи му ја на општеството в лице нецензурираната вистина за него.

Кога во Сурвајвор снеможената модна креаторка Кристина Беквалац ќе закука "Јас сум гладна!", тоа е, јеби га, чист црн бран. А кога манекенката Јелена во Фарма ќе попизди па ќе каже "Јас сум вашата господарка", тие зборови ја имаат силата на онаа култна реплика на Драган Николиќ, гангстерот Стиви кој на крајот на филмот "Млад и здрав како ружа", на публиката во очи ќе и каже "Јас сум вашата иднина!"

Кога така меѓу старлетите, манекените, креаторките, пејачите и останата српска селебриштина во Хотел Малдиви ќе се најде извесен РАЈКО, белосветски криминалец со 15 години затворски стаж, во Фарма со фанфари ќе влезе лично КРИСТИЈАН ГОЛУБОВИЌ, ѕвезда на белградскиот асфалт, а во Парови во гости ќе стигне главом и брадом - добро, главом - војводата ВОЈИСЛАВ ШЕШЕЉ, тоа е, јеби га, Србија. Не мора да ви се допадне а веројатно и нема, ама, тоа е Србија. Земја во која славните и неславните ги преживуваат зимите во ријалитија.

Затоа трогателните обиди да се сопре новиот српски црн бран, поточно црното цунами кое оваа зима ќе се отргне од контрола и ќе ги накоти ријалитијата по далечинските управувачи - од иницијативите дополнително да се оданочат телевизиските куќи кои ги емитуваат, до петициите за потполно укинување на ријалитијата - спектакуларно ја промашија цела топка. Намерата е добра но претпоставката е крива - треба, јеби га, да се укине Србија.

Ријалитија со гладни селебритија не се, имено, срам за Србија, туку нејзин досега најријалистичен и најточен опис: славна и гладна.

* целата колумна на Дежуловиќ - овде

7 септември 2015 - 21:49