Официјално предавање на донација од компанијата НОВАРТИС

Поројните дождови кои на 6 август оваа година го зафатија подрачјето на Скопје и Тетово предизвикаа поплави кои на жал резултираа со човечки загуби и голема материјална штета.

Црвениот крст на РМ согласно потребите на настраданото население во досегашниот период дистрибуираше хуманитарна помош во храна, средства за хигиена, средства за дезинфекција, вода за пиење, постелнина и др. Во целата операција беа вклучени 150 лица волонтери и професионалци, на терен беа во постојана функција за поддршка на населението вкупно 7 мобилни тимови.

Во хуманитарната акција која беше организирана од страна на Црвениот крст, обезбедени  беа вкупно 62.000.000 денари од кои во периодот септември и октомври 2016 година се доделени како помош во парични средства линеарно на вкупно 4.348  семејства настрадани од поплавените подрачја, раководејќи се врз основа на прочистени списоци добиени од страна на државната комисија за процена на штетите.

На денешниот настан компанијата НОВАРТИС донираше средства во Фондот на солидарност на Црвениот крст на РМ во износ од 82.000 евра, со кои ќе се овозможи да се обезбеди помош на 202  семејства настрадани од поплавите,  како и помош на 100 семејства со лица со посебни потреби  од поплавените подрачја на кои ќе им биде исплатена помош за период од два месеци (октомври и ноември 2016 година) во месечен износ од  по 150 евра.

За време на настанот Д-р Јасминка Талеска - директор на преставништво на Новартис во Македонија изјави: Во мое име и во име на фармацевската команија Новартис сакам да изразам длабоко сочуство до блиските на сите починати во невремето кое погоди одделни подрачја на градот Скопје, како и силно жалење за сите сограѓани кои ги изгубија своите домови и настрадаа во оваа непогода.

Во овие моменти не постојат зборови кој можат да ја ублажат тагата. Искрено се надеваме дека со оваа донација ќе успееме да помогнеме онаму каде во моментов е најпотребно и заеднички што поскоро ќе ги вратиме топлите домови на нашите сограѓани кои несреќно ги загубија.

Новартис како компанија со голема општествена одговорност, се надева на брзо закрепнување на регионот по штетите и упатува апел до сите компании во Македонија кои можат да помогнат, да дадат свои допринес во оваа акција, изјави Д-р Стамен Попов, регионален директор за Новартис Онкологија за Бугарија и Македонија.

Во името на Црвениот крст на РМ сакам да Ви се заблагодарам на Вас и на компанијата НOВАРТИС за обезбедената донација од 82.000 евра со што обезбедувате помош за 202 семејства кои настрадаа во полавите и за уште 100 семејства со лица со посебни потреби од поплавените подрачја, да добијат месечен износ од 150 евра за период од два месеци“– Изјави Генералниот секретар на Црвен Крст на Република Македонија, д-р.Саит Саити.

Официјалното примопредавање на донацијата се изврши во просториите на Црвениот крст на РМ од страна на г-ѓа Јасминка Талеска, директор на претставништво на Новартис во Скопје и г-дин Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст на РМ.

(комерцијален текст)

14 октомври 2016 - 15:38