„Младост“ блеска од птичја перспектива, Струмица доби фудбалски храм за почит

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го претстави стадионот „Младост“, непосредно пред квалификацискиот меч против Лихтенштајн, и тоа со прекрасни фотографии направени од птичја перспектива.Фудбалскиот храм во Струмица блеска и официјално може да се нарече дека е вториот најубав стадион во нашата земја, по Арената „Филип Втори“ во Скопје.

Фотографиите од птичја перспектива изгледаат навистина моќно, а челниците на мак-фудбалот покажаа дека теренот е подготвен за мечот со Лихтенштајн.Дуелот кој за нашата репрезентација ќе биде последен во квалификациите за СП 2018 ќе биде вториот кој ќе се игра надвор од Скопје, по натпреварот против Албанија, кој исто така се одигра на „Младост“.

Стадионот комплетно се реконструираше за само два месеци, целосна инвестиција на Фудбалската Федерација на Македонија, а со поддршка на агенцијата за млади и спорт и општина Струмица. Стадионот Младост, за краток временски период доби: надградба на рефлекторите со нови Филипс рефлектори и осветлување од 1570 лукса, како и инсталација за поставување на back up генератор во случај на снемување на струја.

Беа изградени две нови трибини – Источна и Западна со капацитет од 1200 нови места за седење, се инсталираа комплетно нови столчиња на останатиот дел од стадионот, со комплетна нумерација. Изградени се и нови ТВ Платформи за комплетен пренос на квалификациски натпревар согласно барањата на УЕФА

Целиот стадион, вклучувајќи ги и влезовите е осветлен, а поставена е и инсталација на панично осветлување. Стадионот е под сите безбедносни стандарди за чие добивање беше изработена опсежна документација поврзана со планот за евакуација и сертификатот за безбедност согласно законските прописи и правила на УЕФА и ФФМ. Инсталирани се и камери за мониторинг систем за следење на случувања на и вон стадионот, од посебна контролна просторија. Вработените на стадионот се обучени за редовно одржување на теренот и доведување до врвна форма за што е набавена и нова косилка за трева.

Со комплетното фарбање и освежување стадионот Младост е репрезентативен терен од висока трета категорија, кој овозможува удобност како за посетителите, така и одлични услови за квалитетен натпревар од висок ранг.

(комерцијален текст)

27 септември 2017 - 11:21