Кога ЕУ и Русија си ги мерат

Македонија ќе биде најголемата европска жртва од запирање на рускиот гас

Иако можното стопирање на рускиот гас за Украина во западните медиуми се оценува како "голем проблем на ЕУ", континентот многу нерамномерно ќе ги почувствува последиците од тоа. Од анализата ќе видите зошто Македонија е една од трите држави во Европа кои најмногу ќе настрадаат.

Македонија, Бугарија и Романија ќе бидат најголемите економски жртви доколку Путин реши да го сопре дотурот на природен гас за Украина која е главната, но, не и единствена артерија за транзит на гас за Европа. Романија нема објекти за складирање резерви, Бугарија има ама недоволно, а штом Бугарија нема доволно гас, Македонија нема ич.

Накусо, останатите во регионов: Грција ќе увезува течен гас преку море, Србија ќе влече од унгарските резерви а Хрватска и Словенија од резервите на Италија, Австрија и Унгарија.

Практично, доколку Русија ги заврти чешмите за Украина, сите во Европа имаат грејс-период од речиси три месеци, освен ние, Бугарите и Романците.

Улогата на рускиот гас во увозот на ЕУ

Украинскиот монополист Нафтогаз е голем должник кон добавувачот Газпром кој во ваква ситуација нема потреба тоа да го толерира. Истовремено, и попустот кој Украина го доби за време на Јанукович е привремена категорија. Ситуацијата во Крим и општата затегнатост на односите меѓу Русија и ЕУ го прави сопирањето на гасот една од најсилните алатки на Путин да ја потсети Европа на руската сила. 

Зависноста од увозниот гас е клучниот елемент за енергетската нестабилност на ЕУ. Со исклучок на Холандија и Велика Британија, многу малку гас се вади во границите на Унијата.

Нешто ситно имаат Италија, Данска, Германија и Романија но далеку од потребните количини.

Затоа, двете третини од она што го троши ЕУ мора да биде увезено.

А ЕУ има три главни добавувачи на гас - Русија, Норвешка и Алжир, како и неколку добавувачи на течен гас меѓу кои најсериозен е Катар.

Бидејќи во последните 12 месеци рускиот Газпром го засили дотокот за ЕУ, Норвежаните го намалија, пренасочувајќи го извозот кон азијско-пацифичкиот пазар каде што имаат и подобри цени.

Но, таквата енергетска зависност од увоз воопшто не е воедначена и регионалните разлики се огромни. Ако европскиот просек на енергетска зависност е 53 проценти, централна и југоисточна Европа се зависни речиси 80 проценти.

Улогата на Украина како транзитна рута на руски гас за Европа

Постојат 4 главни рути низ кои Русија носи гас кон Европа - директните цевки кон Финска и Балтичките земји (заедно наречени балтички извоз), северниот тн Норд Стрим под Балтичкото Море за Германија и транзитните линии преку Белорусија и Украина.

Во март 2013-та, 54,5 проценти од не-балтичкиот извоз на Русија за ЕУ минувал преку украинските рути, 28,1 процент преку Белорусија и само 17,4 преку северниот стрим.

Лекции од прекинот на гас во 2009-та

На самиот почеток на таа година, недоразбирањата меѓу Русија и Украина резултираа со досега најсериозниот прекин на увоз на гас кој досега Европа го има почувствувано. Во такви околности, луѓе од Оксфорд израбија сериозна студија на таа тема која првенствено покажа дека не сите во ЕУ се еднакво ранливи на проблемот. И дека добар дел земји се немоќни да најдат алтернативно енергетско решение во случај на празни цевки од Русија.

Од тогаш Европа реши да поработи на оваа своја слаба точка, што значеше изградба на складишта за гас и правење двонасочни дотеци меѓу земјите членки. Во 2010-та, земјите членки на ЕУ се обврзаа да изготват национални акциони планови и интервентни сценарија во случај таквата ситуација да се повтори.

Но, транзитот од Украина е толку голем што едноставно, во моментов не постои задоволувачко решение.

Следната табела ги покажува капацитетите на складираните резерви гас во Централна и Југо-Источна Европа во однос на нивната вообичаена потрошувачка потпрена на гасот од Русија.

Да, Бугарија е единствената земја кој нема доволно капацитети да го замени увозот од Украина. Романија нема никакви резерви. Таа има конекција со западна Украина и би можела да повлече од украинските резерви но, тоа воопшто не е извесно. А на бугарската земјена конекција со Грција не може да се смета дека ќе почне да тече во обратна насока.

Оттука и заклучокот дека Бугарија ќе се соочи со сериозен недостаток на овој енергенс, а последователно ќе страда и Македонија, па заедно со Романија тие стануваат европската тројка која во анализата објавена од London School of Economics има најмногу причини за загриженост.

16 март 2014 - 08:40