Повеќе од 80 змејови во aвгуст ќе го надлетаат Мечкин Камен

Крушево, од 16-23 aвгуст домаќин на Предевропското првенство во змејарство

Во организација на Воздухопловната Федерација на Македонија и на клубот Крос Кантри од Охрид, градот Крушево ќе биде домаќин на 19. Европското првенство во змејарство (Hang gliding) во периодот од 16-23 aвгуст.

Водејќи се од силата на ветерот, повеќе од 80 учесници речиси од сите европски земји, ќе го надлетаат небото над Мечкин камен и Крушево. Правилата велат дека на ФАИ1 првенствата учество може да земат само репрезентации од европските земја. Лимитот на првенството е 150 пилоти и заради безбедносни причини оваа бројка не смее да се надмине. Македонија на Пред-европското и Европското првенство ќе учествува со двајца пилоти.

Во просек, секое лето Крушево го посетуваат околу 600 пилоти.
Крушево во последните 7-8 години стана едно од најдобрите места во Европа за организација на натпревари во параглајдерсво и во змејарство. До сега се организирани многу натпревари меѓу кои позначајни се Светски куп во параглајдерство, Пред европско во параглајдерство, многу отворени првенства како Крушево Опен, Британско, Словенско, Хрватско, Полско Отворено итн. Градот со местоположбата и климатските услови има одлични референци за организација на големи и пред се безбедни натпревари во слободно летање.

Змејарството како спорт во Македонија постои повеќе од 35 години.
Денес во Македонија постои само еден клуб кој што ги обединува сите пилоти на змеј или hang gliding и врши обука, а тоа е клубот Крос Кантри од Охрид. Активно со овoј спорт кај нас се занимаваат 8 пилоти, а интересот кај младите луѓе во Македонија, за жал е многу мал за овој спорт.

Клубот Крос Кантри од Охрид досега има организирано 3 помали меѓународни натпревари од ФАИ2 категорија од отворен карактер "Крушево Опен 2012-13-14 год" на кои што учествувале по 20 – 25 пилоти најчесто од Хрватска, Словенија, Италија, Литванија, Украина, Бугарија и Македонија. Натпреварот од ваков ранг ќе биде прво искуство не само за клубот, но и за целокупната Воздухопловна Федерација на Македонија.

Владимир Бараковски, Претседател на Воздухопловната федерација на Македонија, повеќе од 24 години успешно го надлетува небото над Македонија и небото над неколку европски земји. За него летањето со змеј е љубов и пасија. Нешто што го зближува со природата и со секој нов лет развива се поголема љубов и почит кон неа. Лично смета дека слободното летање е ризичен но, не и опасен екстремен спорт, бидејќи технички функционира како и секој друг воздухоплов.

"Екстремни и опасни можат да бидат само одлуките што ги носи пилотот, независно дали лета параглајдер, змеј или боинг 747. Она што го прави овој спорт вистинско уживање е тоа што горивото што е потребно за летање доаѓа од природата, од воздухот или ветерот. И додека воздухот не стане берзанска стока, ние ќе продолжиме да уживаме", вели Бараковски.

(комерцијален текст)

 

30 јули 2015 - 08:35