Згасна Попкорн тајм

Апликацијата која крајно успешно го одржуваше сонот за кој сакаш филм или серија во секое време и сето тоа беспари (и нелегално), е комплетно укината. Овој пат не ни наштети полицијата, сами се спукале.

Апликацијата и сајтот Popcorntime.io повеќе не се достапни, откако мината седмица тимот што го развиваше проектот ја мина во меѓусебна кавга. Спорот бил околу одлуката да се воведе платен анонимен ВПН сервис (им плаќаш за да ти ја кријат адресата од која што гледаш пиратски филмови).

Откако не се наоѓа разбирање меѓу двете групи, програмерите кои се против платениот сервис го напуштаат проектот, пред се плашејќи се дека со неговото воведување ќе бидат отворени за потенцијални тужби (не дека и до сега нешто ги вадеше тоа што беа бесплатни). Еден од поранешните програмери објаснува и дека "дел од програмерите се повеќе биле вознемирени од нивната одговорност кон содржините што апликацијата ги презентирала."

Програмерите што си заминуваат од Попкорн тајм, започнуваат да работат на проектот Батер (Butter), платформа од која понатаму ќе може да се изработува софтвер за стримување на видео содржини. Планираат таа да биде комерцијална (за корисници како ХБО) или како бесплатен софтвер.

Оние пак што останаа во Попкорн тајм минатата недела се обидоа да го одржуваат сервисот функционален, ама откако не можат да добијат пристап до домејнот popcorntime.io решаваат да ги изгасат серверите.

27 октомври 2015 - 10:54