Телеграм ќе треба да им ги предаде клучевите за енкрипција на руските власти

Апликацијата за енкриптирани пораки го изгуби случајот и пред Врховниот суд на Русија, во кој се обидуваше да ги оневозможи безбедносните служби во земјата да имаат пристап до пораките на нивните корисници.

Судот одлучи дека компанијата мора да постапи во согласност барањето на ФСБ, кои минатата година од Телеграм ги побараа клучевите за енкрипција. Откако одби да го стори тоа, таа ќе треба да плати казна од 14.000 долари.

Компанијата планира да поднесе жалба и на оваа одлука, а во случај повторно да изгуби руските власти можат да го блокираат сервисот на Телеграм на нивна територија.

Ова е посебно проблематична позиција за Телеграм од причина што Русија е еден од нејзините најголеми пазари, а компанијата моментално се подготвува за прва рунда јавно финансирање, кое наместо традиционалното излегување на берза, ќе го прави со издавање на сопствена крипто-валута, во вредност од 2,55 милијарди долари.

Во 2016 во Русија беше донесен закон за борба против тероризмот, кој меѓу другото од сите сервиси за пораки бара на властите да им достават начин за декриптирање на коресподенцијата меѓу нивните корисници. Телеграм го оспори ваквото барање на ФСБ по основа дека процедурата не предвидува користење судски налог и со тоа се нарушува уставното право на приватноста.

Ставот на ФСБ е дека добивањето клучеви за енкрипција не е прекршување на правото на приватност бидејќи самите клучеви не се сметаат за доверлива информација, туку дека судски налог е потребен за тие да можат да прислушуваат и собираат информации за конкретни осомничени лица.

20 март 2018 - 13:37