Проверувачи на факти на Фејсбук, како тоа пи-ар звучи

По година и кусур пумпање на приказната Хилари изгуби заради неспособноста на Фејсбук да се справи со ботови и неброени патувања на американски новинари до Велес само за да се вратат со истата сторија (пост-комунизам, млади деца, сиромашни родители...), при последниот масакр во САД сите анти-бот / њуз механизми воведени од Фејсбук во овој период дозволија за кратко време мрежата да биде преплавена од лажни вести, кои тврдеа дека убиецот е од крајно левичарска организација. Од нив само еден пост беше споделен над 260.000 пати.

Масакрот во Тексас и инстантните дезинформации кои крајно успешно почнаа да се шират по него, следуваат речиси една година откако Фејсбук објави нов план за борба со дезинформации, и нешто повеќе од една седмица откако директорите на компанијата за време на серија сослушувања во Конгресот ги уверуваа американските законодавци дека сериозно ќе се посветат на решавање на она што се води како пропусти искористени од Русија за време на американските избори.

Досегашната пракса е Фејсбук со помош на трета страна, како Снупс, Асошиејтед прес или Фактчек.орг, да ги проверува сториите што се објавуваат на мрежата и потенцијалните лажни вести да ги обележи како „спорни“. Меѓутоа, вработените во овие компании веќе имаат изразено разочарување од тоа колку малку податоци Фејсбук е подготвен да сподели со нив.

„Воопшто не ми се ни работи. Лажните информации и понатаму стануваат вирални и рапидно се шират... а на Фејсбук стварно ништо не му можеш.

Тие нè мислат дека ние треба да ја вршиме нивната работа за нив. Имаат голем проблем, и тие се склони кон потпирање на други организации за да зачистат зад нив,“ објаснува еден од проверувачите на факти.

Друг извор за Гардијан посочува дека користењето на етикетата „спорни“ е толку ретко дури и по проверка на фактите околу одредена сторија „што го поставува прашањето како алатката воопшто функционира.“

Извори на Ванити феир изјавуваат дека проверувачите на факти немаат поим кога на некоја статија ќе се стави етикета „спорни, или дали таа била ефикасна.“ Од Поинтер мрежата за проверување факти, кои соработуваат со Фејсбук, се жалат дека целата операција на интернет гигантот е осакатена од недостаток на транспарентност.

„Ние сме некако во темница. Не знаеме што всушност се случува. Нивото на информации што се споделува е комплетно недоволно... Ова потенцијално е најголемиот експеримент во историјата за справување со дезинформациите. Можеше да имаме огромни количини податоци и информации,“ објаснува директорот на Поинтер, Алексиос Манцарлис.

Позицијата на Фејсбук е дека етикетата „спорни“ функционира и тоа го поддржуваат со статистиките дека идните прегледувања на статиите обележани со оваа етикета паднале за 80%.

Ова е спротивно на една студија од септември 2017, која покажува дека етикетата речиси и не ги предомислува корисниците од кликање на некоја сторија. Студијата забележува и дополнителен пропуст во целиот план, односно дека Фејсбук не стига да ги етикетира сите лажни стории, па сега корисниците е поверојатно да веруваат дека секоја сторија што ја нема етикетата „спорно“ е точна.

„Да бидеме искрени, решавањето на проблемот со лажни вести на платформа како Фејсбук, која е насочена кон ширење популарни содржини, може да изгледа како речиси невозможна задача,“ пишува Маја Кософ во текстот за Ванити феир.

15 ноември 2017 - 17:59