ПејПал во Македонија, в̶а̶ј̶с̶т̶и̶н̶а̶ делумно ПејПал

Неделава ПејПал објави дека станале достапни во над 200 држави низ светот. Меѓу овие 200 конечно се најде и Македонија. Овој пат, "доаѓањето на Пејпал во Македонија" треба да е конечно.

Македонија влезе во последната транша на држави кои беа додадени на списокот на Пејпал, а во истата генерација со нас се и: Белорусија, Камерун, Брегот на Слоновата Коска, Молдавија, Монако, Црна Гора, Нигерија, Парагвај и Зимбабве.

Пејпал нема од старт да ги активира сите услуги на новите пазари. Во прво време ќе биде пуштена "испрати пари" услугата, што значи дека корисниците само ќе може да купуваат од онлајн продавници кои се верификувани од ПејПал. Според ова ПејПал и понатаму нема да може да се користи за да им се плаќа на локални продавачи, а исто така на корисниците нема да им биде дозвлено да префрлаат пари еден на друг.

"Сега со регистрирање на ПејПал сметка, луѓето на овие 10 пазари ќе можат да купуваат онлајн на милиони веб-страни, притоа да бидат мирни знаејќи дека ние нема да ги споделиме нивните финансиски податоци со кој и да е продавач. И ако се појави некој проблем - производот не пристигне или не одговара на она што било понудено на веб-страната - тие имаат дополнително осигурување дека благодарејќи на PayPal Buyer Protection ќе им бидат надоместени парите.

Секако ова е добра вест и за бизнисите. Десет нови пазари значи повеќе можности за бизнисите да ги продаваат своите производи и услуги поддржани од еден од најсигурните начини во светот за плаќање и добивање пари," пишува во соопштението на ПејПал.

Објаснувањето зошто дури сега сме додадени на листата и што добро сме направиле за да го заслужиме ова, е дека: "потребно е многу внимателно планирање и подготвување за да се влезе на нов пазар, и ние многу сериозно ја сфаќаме нашата одговорност за управување со парите на луѓето. Ние веруваме дека безболно можеме да ги интегрираме овие пазари на нашите платформи и да ги осигураме инвестициите и ресурсите потребни за работи како грижа за корисници. Уште повеќе, веруваме дека има побарувачка на ова."

Услугата треба да биде активна од вторник (денес).

17 јуни 2014 - 09:27