Ние сме вработени на Гугл, и Гугл мора да се откаже од Драгонфлај

Ако до сега Гугл ве следеше во свое име и за своја сметка, пребарувачот што го подготвуваат за да можат да влезат на кинески пазар, Драгонфлај, врз ова додава уште еден слој следење овој пат во име на кинеската влада. Вработени на Гугл имаат проблем со ова.

Во пост потпишан од над 300 вработени (бројот се зголемува) се порачува дека тие се приклучуваат кон повикот на Амнести интернешнл за откажување на проектот Драгонфлај.

Целосниот текст на вработените на Гугл што го објавуваат на Медиум:

„Ние сме дел од илјадниците вработени кои со месеци ги креваат своите гласови. Меѓународни организации за човекови права и истражувачки новинари исто така ги алармираа, нагласувајќи сериозна загриженост за човековите права и постојано повикувајќи го Гугл да го откаже проектот. До сега, одговорот на нашето раководство беше незадоволителен.

Нашето противење на Драгонфлај не се однесува на Кина: ние сме против технологии кои им помагаат на моќните да вршат опресија врз ранливите каде и да се наоѓаат тие. Кинеската влада секако не е сама во својата подготвеност да ја ограничи слободата на изразување, и да го користи прислушувањето за спречување на дисидентството. Драгонфлај во Кина ќе претставува опасен преседан во проблематичен политички момент, кој би направил да е потешко за Гугл да одбие слични отстапки во други држави.

Одлуката на нашата компанија доаѓа во време кога кинеската влада отворено ги проширува своите капацитети за следење и алатките за контрола на популацијата. Добар дел од ова се базира на напредни технологии, и комбинира он-лајн активност, лични досиеа, и масовно мониторирање за следење и профилирање на граѓани. Извештаите веќе покажуваат кој ги сноси последиците, вклучувајќи ги Ујгурите, поборниците за права на жените и студентите. Со тоа што на кинеската влада ќе и се даде пристап до податоците на корисниците, како што се бара со кинеските закони, Гугл ќе стане соучесник во опресија и прекршување на човековите права.

Драгонфлај исто така ќе овозможи цензура и дезинформации управувани од властите, и дестабилизирање на основните вистини на кои се базира дисиденството на народот. Имајќи го предвид веќе пријавеното потиснување на дисидентските гласови од страна на кинеската влада, вакви контроли е многу веројатно дека ќе бидат употребени за замолчување на маргинализираните луѓе и за фаворизирање на информациите кои ги промовираат владините интереси.

Голем број од нас прифатија вработување во Гугл имајќи ги предвид неговите корпоративни вредности, вклучувајќи ја и претходната позиција околу кинеската цензура или надзор, и сфаќањето дека Гугл е компанија која е подготвена да ги стави своите вредности пред својот профит. По една година разочарувања вклучувајќи го проектот Мејвн, Драгонфлај, и поддршката од Гугл за луѓе кои сексуално малтретирале, ние повеќе не веруваме дека тоа уште важи. И затоа решивме да се спротивставиме.

Ние се приклучуваме кон Амнести интернешнл во барањето Гугл да го откаже Драгонфлај. Исто така бараме раководството да се посвети на транспарентност, јасни комуникации и вистинска одговорност. Гугл е премногу моќен за никој од него да не бара одговорност. Заслужуваме да знаме што создаваме и заслужуваме да имаме глас во овие значителни одлуки.“

Медиум

28 ноември 2018 - 11:06