Мариса Мајер: ако зуцневме за НСА ќе завршевме во затвор

ЦЕО-то на Јаху доби поддршка од Марк Закерберг, против критичарите кои тврдат дека технолошките компании направиле премалку за да го спречат шпионирањето од страна на НСА. Мајер претходно откри дека сите директори што ќе објавеле владини тајни ги чекала затворска казна.

За време на Techcrunch Disrupt конференцијата во Сан Франциско, главната директорка на Јаху била запрашана зошто компаниите едноставно не се одлучиле да и кажат на јавноста повеќе околу активностите на владините агенции. На ова Мејер одговорила: "Објавувањето на тајни информации е предавство и заради ова завршуваш во затвор."

Јаху претходно неуспешно ја тужеше FISA (Foreign intelligence surveillance court) која ја дава правната основа за активностите на НСА.

"Кога ќе изгубиш и нема да соработуваш, тоа е предавство. Ние мислиме дека има повеќе смисла да работиш во рамките на системот," објаснила Мајер.

Јаху и Фејсбук (а претходно и Микрософт и Гугл) се борат за правото да им биде дозволено да го објават бројот на барања што го добиваат од шпионските агенции за предавање на приватни податоци. На компаниите им е со закон забрането да објавуваат колку податоци и предаваат на Владата.

Закерберг изјавил дека владата лошо ја завршила работата со балансирање на приватноста на луѓето и задачата да ја обезбедува националната безбедност, а подеднакво лошо се снашла и по обзнанувањето на скандалот од страна на Сноуден.

"Одговорот на владата беше, 'Ах, немајте гајле ние не шпионираме Американци.' Ах, одлично, ова навистина помага кога опслужуваш луѓе од цел свет и ова навистина ќе инспирира доверба во американските интернет компании," изјавил основачот на Фејсбук.

12 септември 2013 - 10:03