ЕУ законот што ќе може да го цензурира интернетот

Комитетот за правни работи на ЕУ ја изгласа Директивата за авторски права, која во основа е само апдејт на техничките термини на законот за авторски права, освен два члена кои предвидуваат плаќање надомест за објавување туѓи линкови и филтрирање на целата нова содржина.

Членот 11 од Директивата предвидува „данок на линк“ кој во пракса би можел да присили платформи како Фејсбук и Гугл да купуваат лиценци од медиумските компании пред да објават линк до нивните стории. Во членот 13 се предвидува воведување на „аплоуд филтер“ кој бара сите содржини што ќе бидат аплоудирани во ЕУ да бидат проверени за прекршување на авторски права, без разлика кој медиум или каква содржина.

За законодавците на ЕУ овие членови се добронамерни и служат за заштита на сопствениците на авторски права, „ама се напишани толку општо што се зрели за злоупотреба.“

„Методите со кои треба да се решат овие проблеми се катастрофални и ќе им наштетат на луѓето што сакаат да ги заштитат,“ изјавила евро-пратеничката од Зелените, Џулија Реда.

По минувањето пред комитетот, директивата ќе треба да оди на гласање во Европскиот парламент, што најверојатно ќе се случи кон крај на годинава или првата половина на идната.

Освен во ЕУ Парламентот, Директивата треба да биде дебатирана и меѓу ЕУ законодавците и земјите членки, една од мерките воведена со цел побрзо прифаќање на новите закони, но истовремено и крајно нетранспарентна и таинствена.

„Ако Законот е изгласан во сегашната форма тој ќе има разорувачки ефект. Членот 13, на пример, бара креирање на автоматски филтер за сите онлајн содржини аплоудирани во ЕУ, споредувајќи ги наспроти дата-база на авторски права. Системот не само што ќе биде скап за создавање, туку и невозможен за секојдневно одржување, и лесно ќе може да биде злоупотребен од копирајт тролови.

И, како што предупредија експертите вклучувајќи го Тим Бернерс-Ли и Џими Велс, ова ќе го претвори интернетот во ’алатка за автоматски надзор и контрола на своите корисници,’“ пишува Џејмс Винсент во Верџ.

20 јуни 2018 - 14:59