Зошто јапонските бизниси траат со векови

Во Јапонија постојат 33.000 фирми кои се постари од еден век а и други кои се далеку постари и од тоа. Тајната на нивната долговечност е што кај нив бизнисот не е само начин да се дојде до пари туку нешто што е поврзано со семејни вредности, култура и традиција. 

Би Би Си ја почнува сторијата на оваа тема во една чајџилница во Кјото, старата престолнина на Јапонија позната по големиот број храмови, преубавите градини и туристите со стапови за селфи. Чајџилницата ја држи 38 годишен човек но не е тоа поентата: дуќанот постои од 1160 година!

„Ние се фокусираме на чајот и не се трудиме да го шириме бизнисот на други полиња. Тоа е начинот на кој опстојуваме,“ ја открива Јусуке Цуен тајната на дуќанот кој постои 900 години. 

А тоа не е редок случај. Банката на Кореја пред десетина години обелодени дека на глобално ниво постојат 5.586 компании кои се постари од 200 години. Ги има во 41 земја но 56% од сите се наоѓаат6 во Јапонија. Таму е и најстариот хотел на светот кој е отворен во 705-тата година, имаат слаткарски дуќан кој започнал околу 1.000 година, градежниот гигант Такенака е основан во 1610 година а некои од глобално познатите јапонски брендови како што е Нинтендо и Сунтору имаат неочекувано долги истории кои се протегаат до 1.800 година.

Деканот на тамошниот факултет за менаџмент објаснува дека тоа што на овие фирми им е поважна одржливоста отколку максимизирање на профитот е главната причина за нивната долготрајност.

„Во Јапонија главното прашање не е како компанијата да аде најмногу пари туку како таа да ја пренесеме на нашите деца и внуци,“ вели Јошинори Хара.

Во поширок контекст, Јапонија е земја во која традицијата, почитта кон предците и постарите се на високо место во хиерархијата на вредностите.  

Некои од ваквите компании имаат прибегнато и кон прифатената пракса да се посвојуваат млади машки работници и да се сметаат за крвно сродство за да се осигура континуитет на семејниот бизнис. Тоа е нешто го го имаат направено и големи компании како Сузуки и Панасоник.

Инаку, Нинтендо е добра илустрација за тоа како фокусирањето на основниот бизнис е добар модел за долготрајност. Нивниот основен бизнис е да се прави забава. Фирмата е основана во 1889 година за да произведуваат карти за јапонската игра ханафуда која им е дојдена од Португалија во 16 век а се состои од собирање карти со различни цветни дезени кои носат различни поени. Еден век подоцна, останувајќи на полето забава, Нинтендо прават револуција во домашниот ентертеинмент со нивниот гејминг систем.

20 февруари 2020 - 11:21