Успехот на Амазон е благодарение на државни пари

Гигантот до сега има добиено над 1 милијарда долари во даночни олеснувања, и тоа се само парите што Амазон директно ги зема. На оваа сум треба да се додаде и социјалната помош што државата им дава на голем број од вработените на компанијата, кои заради прениската плата се квалификуваат како социјални случаи.

Подемот и ширењето на Амазон се базира на истите пракси што сето ова време крајно успешно се искористувани од Волмарт: користење државни пари за помош во платата на работниците.

Локална студија покажува дека само во Охајо, повеќе од 10% од вкупната сила на Амазон во оваа сојузна држава добива социјална помош во форма на бонови за храна. Освен овие пари (Амазон во Охајо е на 19-то место по бројот на вработени што добиваат бонови во државата, меѓутоа е 53-ти на листата на најголеми работодавци), Амазон само од Охајо има добиено 123 милиони долари во даночни олеснувања за да постави магацини и дата-центри во оваа сојузна држава.

Иако Амазон ги остварува и надминува ветувањата за бројот на вработени што планира да ги ангажира кога отвара нови локации, ова надминување на бројот на вработувања не е проследено со зголемување на буџетот за плати, туку истите пари се користат за плаќање на повеќе луѓе.

„Ова создава перверзна форма на собирање приход од два извори: Амазон прво ја добива наградата што создал работни места во Охајо, а потоа добар дел од овие работни места толку ниско ги плаќа што работниците мораат да бараат помош од државата, и на тој начин му даваат втора субвенција на гигантот,“ пишува Дејвид Дајен во текстот за Њу рипаблик.

Пресметката е дека Амазон од 129 најразлични заедници во САД од 2000-та има добиено даночни олеснувања од 1,1 милијарда долари.

Ништо од овие пари не е ненадејно или случајно да им се погодило. Амазон има цел тим чија единствена работа е да наоѓа субвенции и да ги искористува даночните закони во сопствена корист, „прво со тоа што не наплаќа данок нуди значителен попуст на секој производ, а од неодамна и со пониски трошоци за изградба на нови центри за испорака.“

Присуството на Амазон преставува товар и на останатите локални сервиси. Блумберг објавува дека само во октомври во еден округ во Охајо локалните служби за брза помош барем еднаш дневно имале итен повик и интервенција во објектот на Амазон заради повреда на работно место. Сето ова е платено од тамошните жители бидејќи Амазон според договорот не подлежи на данок на имот.

„Првиот човек на Амазон Џеф Безос има нето вредност од 100 милијарди долари. Симни го ова на 99,5 милијарди долари и никој што работи за Амазон во Америка нема да треба да добива бонови за да се прехрани,“ пишува Дајен.

Спорно во целата логика на локалните власти да го бркаат Амазон да отвори центар во која било сојузна држава, е што според стратегијата на Амазон компанијата мора да има центар во секоја држава ако сака да го исполни ветувањето за испорака на ист ден или за еден ден.

„Секој град со пристојни патишта и многу членови на Амазон Прајм со тек на време ќе стане кандидат за магацин; нема потреба згора на тоа да и даваат и субвенции на корпорацијата“ појаснува Дајен.

Неговата последна порака е дека субвенциите за економски развој не создаваат толку работни места туку само ги преместуваат наоколу, предизвикувајќи конкуренција меѓу локалните заедници за да видат која ќе даде повеќе помош.

„Компаниите зависат од очајот на овие заедници, знаејќи дека за да добијат вредни субвенции доволно им е само да мавтаат со нови ниско-платени работни места. А зошто тие не бараат од компаниите, во замена за субвенциите за нови работни места, на работниците да им плаќаат плата за пристоен живот,“ порачува авторот.

11 јануари 2018 - 11:10