Тајниот план на ЕУ за нагло грчко излегување од Унијата

Документот под наслов „Хрватското приклучување кон Европската унија,“ што ЕУ го разработува од 2012 всушност е апокалиптично сценарио за најјужната членка на Унијата во времето на нејзината најголема финансиска криза. Изборот на насловот на документот е од страв дека ако се дознае за неговото постоење тоа веројатно ќе значи и конечен крај.

Откако ЕУ и Грција постигнуваат некаков договор за спас од банкрот, планот се враќа назад во архива. Таму останува некаде до јуни 2015, кога двете страни преговараат за третиот пакет за спас на Грција. Бидејќи во тоа време Хрватска веќе е членка на Унијата, а стравот од продлабочување на кризата во Грција се уште постои, името на планот е сменето во “Albania Contingency Analysis & Plan, Sovereign Default 2015“.

И во двата случаи крајната цел на планот е „минимизирање на хуманитарната катастрофа во случај Грција да биде присилена да ја напушти ЕУ и евро зоната“.

Дел од планот се однесува на менаџирање на напуштањето на ЕУ, и во него на ЕУ и е јасно дека доколку земјата не може да ги плати долговите кон останатите членки, таа ќе има само една опција за да спречи целосен колапс на банките во земјата, а тоа е воведување на нова валута (враќање на драхмата).

„Ова ќе значи веднаш да почнат да се печатат нови пари. Практичниот дел ќе биде решен за неколку часа, и за него Централната банка ќе треба да ги промени своите ИТ системи за да можат да ги конвертираат еврата на банкарските сметки во новата валута. Во рок до неколку часови Народната банка на Грција ќе заврши со конвертирање на сè.

Сите договори според грчките закон ќе бидат изразени во новата валута, а јавните службеници и пензионерите ќе мора да бидат исплатени во новата валута, како и даноците. Новата драхма инстантно ќе изгуби вредност во однос на еврото. За новата валута да стане реалност Грција ќе мора да воведе нови закони со кои и официјално еврото се заменува со новата драхма. Валутата ќе стане единствено легално средство за плаќање, а сите евро депозити исто така ќе бидат конвертирани,“ се објаснува во книгата „Последниот блеф“ на Викторија Дендрину и Елени Варвитсоти.

На Европејците им е јасно дека никој нема да сака да ја користи новата валута, а уште помалку да штеди во нејзе, заради што таа ќе западне во „спирала на девалвација“. Последица на ова ќе биде растечка инфлација, а последица на тоа ќе биде што увозните производи ќе бидат уште поскапи. Сето ова ќе се одрази на долгот што Грција ќе треба да го плати, кој и понатаму ќе биде изразен во евра.

„Парадоксот е што единствената сигурна работа околу грегзит е дека на земјата итно ќе и треба уште еден пакет за спас. Ова е речиси апсурдно, минувањето на сите овие проблеми за да се избегне пакетот за спас, само за да се влезе во друга ситуација во која тој ќе биде потребен,“ се наведува во книгата.

Според временската рамка на планот, во првите две недели од грегзит воопшто нема да бидат достапни физички пари, што комплетно би ја запрело економската и финансиската активност. Од почетокот на втората недела па до 4 месеци, за трансакции ќе се користат вонредни чекови од централната банка, додека во следните 4 до 8 месеци ќе се користат привремени банкноти. Воведувањето на нови хартиени пари би било можно дури откако ќе минат осум до девет месеци.

Еден од предлозите за „привремените валути“ е да се користат постојните евра, само на нив да се направи дупка, и да се именуваат „нови евра“. Ова решение би заглавило на банкоматите, кои би имале проблем со новата текстура. Друг предлог повторно се базира на постојните евра, ама тој предвидува удирање печат на нив. Во овој случај е спорно дали банкоматите ќе можат да ги разликуваат старите и новите евра.

Има уште неколку стравови на темата, меѓу кои и паранојата на тимот на Европската централна банка што ако Грција унилатерално одлучи да почне да ги користи своите залихи на материјали за печатење евра (секоја членка на ЕУ печати дел од апоените). Ова би било рамно на фалсификување пари и би било казниво според закон.

„За секој случај ЕЦБ веќе ги има наведено клучните чекори кои ќе гарантираат дека земјата нема да ги користи залихите материјал за печатење евра. Прво, специјална инспекција ќе биде испратена во Грција со цел да ја провери реалната состојба на пријавените бројки од залихата, минувајќи ги сите 16 филијали на Банката на Грција каде што резервите се чуваат. Потоа ќе биде суспендирана безбедносната акредитација од ЕЦБ која е неопходна за печатење банкноти. Во третиот чекор ЕЦБ на производителите им наредува да престанат со снабдување на Грција на материјали неопходни за печатење нови банкноти, а во 4-от чекор специјален тим оди во уште една инспекција во Грција со цел уништување на плочите за печатење евра и идентификување и запленување на материјалите за производство,“ се објаснува во книгата на двете грчки новинарки која го открива тајниот план на ЕУ.

Паралелно со монетарните напори, друг тим работи на обезбедување хуманитарна помош за Грција, која се смета за неопходна заради неизбежното осиромашување на тамошната популација. Нивната процена е дека во случај на излегување на Унијата на околу 20% од популацијата (2 милиони луѓе) нема да можат да ги задоволат основните потреби. Тука ЕУ заглавува на механизмот што би требало да се употреби за парите од помошта да стигнат до Грција. Мала измена на законите на ЕУ ја квалификуваат Грција да добие пари од структурните и инвестициските фондови на Унијата, со тоа се решава и ова прашање.

24 јули 2019 - 16:32