Што е Троика перална и како испра милијарди долари

Системот опфаќа околу 70 оф-шор шел компании кои беа искористени за да се извезат милијарди долари приватен имот од Русија на Западот. Името го добива од руската инвестициска банка Троика диалог, чии вработени ја менаџираа целата мрежа.

Троика диалог денес е споена со една од најголемите руски државни банки, а најголемиот дел од парите на банката припаѓаа на семејствата на клиентите чии пари таа помага да се менаџира.

Мрежата функционира како машина за перење: парите пристигнуваат од разни извори потоа се „вртат“ во мрежата компании, а понекогаш и меѓу различни сметки во банката кои припаѓаат на една компанија. Вака преплетените трансакции се мешаат со постојните фондови, за легитимно заработените приватни пари да е невозможно да се одделат од парите што доаѓаат од големи финансиски измами.

Најголемиот дел од трансферите се случуваат во литванската Укио банка, која во 2013 е затворена од тамошните власти и е под истрага.

Во Троика мрежата влегуваат и излегуваат околу 4,6 милијарди долари, меѓутоа вредноста на сите трансакции меѓу компаниите на Троика се проценува на 8,8 милијарди долари, што значи дека парите се извртени по неколку пати пред да излезат од мрежата.

Од Укио ја регистрираат целта на секоја исплата што излегува од сметките на банката, и според нивна евиденција тоа најчесто е купување или продавање физичка стока, од храна и телевизори до санитарија за купатило. По прегледување на договорите денес се претпоставува дека тие се вештачки и дека немало никаква размена на стока, бидејќи тие биле купувани и продавани од шел компании. Пример, во мај 2004 Укио префрла 204.000 долари на сметка во Латвија за плаќање на „резервни авто-делови“. Парите доаѓаат од Индустријал трејд корп, која една година претходно е основана во Панама. Фирмата нема никаква очигледна врска со авто-индустрија, и во следните шест години таа тргува со сè од опрема за прехранбена индустрија до компјутери и градежни материјали. Преку вакви трансакции Индустријал трејд корп станува еден од најголемите канали за одлив на пари во Пералната, вадејќи стотици милиони од Русија.

Вистинските сопственици на компаниите се скриени зад имињата и потписите на непознати лица. Најголемиот дел се етнички Ерменци на работа или со живеалиште во Москва. Меѓу раководителите на милионските компании има неколку чистачки, градежни работници, сопственици на салон за убавина и слично.

Пример за еден таков е Ерменецот Ермен Устјан, кој живее со својата сопруга и родителите во стан без парно во ерменскиот град Ванадзор. За работа патува во Москва каде е ангажиран како градежник, а во приказната со Пералната тој е потписникот на заем од 40 милиони долари за Дино капитал, компанија регистрирана во Панама.

Устјан нема поим ни за Дино, ни за Панама, а кога новинарите му го покажуваат потписот Устјан одговара дека тој бил фалсификуван.

Устјан химселф

Од Укио, која во февруари 2013 е прогласена за несолвентна не даваат никаков одговор на новинарски прашања, од Троика пак објаснуваат дека никогаш не прекршиле закон и дека секогаш работеле во согласност со регулативата. Ова во основа е точно бидејќи во тоа време користењето на оф-шор компании на начинот на кој тоа го прават клиентите на Троика е легална пракса.

На страна Укио, Данске банк неодамна откри дека нејзината филијала во Естонија обработила околу 200 милијарди евра во сомнителни трансакции во период од 9 години. Латвиската АБВЛ минатата година започна доброволна ликвидација, по обвинувањата од американските власти за перење пари. Заедничко за сите три балтички банки е дека имаат илјадници сметки од „не-резидентни“ депозитори. За вторите две се уште не е потврдено дали биле дел од Троика пералната.

5 март 2019 - 14:06