Остана ли нешто злато?

Во време кога златото достигна историски рекордни цени (минатиот месец беше над 2.000 долари за унца) на луѓе почна да им текнува дека златото, на страна сите карактеристики што ги има, исто така е и ограничен ресурс кој еден ден ќе се потроши.

Еден од термините што го користат експертите е „пик на злато“ и тоа подразбира годината кога сме ископале најмногу што може да се ископа во рамките на една година. И некои веруваат дека веќе сме таму.

Во 2019 во светот се ископани 3.531 тони злато, што е 1% помалку отколку во 2018, и е прв годишен пад на производството од 2008.

Достигнувањето на пикот не значи автоматски дека ќе секне копањето ново злато, туку дека тоа полека ќе се исцрпува во тек на децении.

Не ископаното злато низ планетава се дели на две групи:

- Резерви - злато што е исплатливо да се копа при сегашни цени

- Ресурси - злато што ќе стане исплатливо да се копа по дополнително истражување и повисока цена.

Според американските експерти светот моментално има уште 50.000 тони резерви на злато кои допрва треба да се ископаат. За подобра перспектива, во светот до сега се ископани околу 190.000 тони злато. Овие вторите, ресурсите, постепено ќе се откриваат како што се напредува со технологијата (вештачка интелигенција, роботи за копање...).

Иако се уште се откриваат нови наоѓалишта на злато, големите откритија стануваат се поретки, а моментално најголемо производство има во рудници кои се експлоатираат со децении.

Едно од недопрените наоѓалишта на злато е Месечината, само за сега главен проблем е што трошоците за негово копање и транспортирање назад до Земјата се значително повисоки отколку цената на златото.

Исто така резерви се знае дека има и под Антарктик кои може да се случи никогаш да не станат исплатливи за копање заради тамошните екстремни временски услови.

Предноста на златото во однос на другите не обновливи извори, како нафтата, е што тоа може да се рециклира, па така дел од бизнисите кои не се заинтересирани за рударење, златото го копаат од електронски отпад, како лаптопи или мобилни телефони, чии делови задолжително содржат злато.

24 септември 2020 - 17:51