Верувале или не

Моментално е уште подобро да имаш пари отколку да немаш

Стандардната равенка е дека до 75.000 долари годишно твоето ниво на среќа расте паралелно со твоите приходи, меѓутоа над оваа граница парите престануваат да прават разлика. Меѓутоа граници се менуваат.

Сега има едно ново истражување на врската меѓу парите и среќата (да, кој што сака нека збори, има врска) според кое таа е далеку подлабока отколку што се мислеше.

Се работи за студија на 40.000 жители на САД над 30 годишна возраст, и нивни бројки од 1972 до 2016, на која крајниот заклучок е дека оваа врска меѓу пари и среќа се има засилено како што одминувале годините.

Во 1970-те, белците испитаници со или без диплома речиси идентично било веројатно да кажат дека се многу среќни - околу 40%. Но до 2010-те, образованието почнува да прави разлика во среќата, па само 29% од оние без диплома изјавиле дека се среќни, споредено со 40% од оние со диплома. Истото важело и за приходите. Разликата во среќа според нивото на приходи константно растела од 1970-те до 2010-те.

Она по што оваа студија се разликува од претходните е и дека ја поместува горна граница на пари и среќа, па така заклучува дека оние кои заработувале над 160.000 долари годишно биле посреќни од оние што заработувале меѓу 115 и 160 илјади долари.

Ваквите бројки и разидувањето во среќата меѓу лицата со различни примања во текот на децениите, делумно се објаснува и со разидување во платите на највисоките ешалони на компаниите и сè што не е Ц-класа (C = Chief...). Денес просечниот ЦЕО заработува 271 пати поголема плата од просечен работник, што е 30 пати повеќе отколку во 1978. Додека во првите децении од студијата е сосема возможно да се купи куќа и да се издржува семејство со средно образование, тоа денес станува речиси невозможно.

10 јули 2020 - 15:48