Компанијата од 4 милијарди долари што нема шефови

Не само што нема шефови, нема менаџмент (висок или среден), нема HR што одредува бонуси, откази или вработувања, а и покрај тоа е најуспешната компанија во својата индустрија и има над 400 вработени.

Се работи за Valve, а поставеноста во неа ја објаснува поранешниот економист на компанијата Јанис Варуфакис, кој има завршено економија на атинскиот универзитет.

"Највчудовидувачки аспект од животот во Валв е што немаш шефови. Таму нема никаква експлицитна хиерархија. Се базира на нешто што неколку членови на компанијата ми го објаснија како анархо-синдикализам. Слободно здружување на вработените еден со друг.

Мобилноста е значителен аспект за секоја корпорација и секој го признава тоа. Сите бироа (на вработените на Валв) се на тркалца, а има само два кабли што треба да се извадат за вработениот да може да се префрли од едно место на друго," објаснува Варуфакис.

Анархо-синдикализам е економска теорија од 19-от век која опишува форма на управување во која самоорганизирани групи на работници работат заедно за директно да постигнат цели. Нешто како социјализам, минус централизирана власт, плус синдикати.

Вработувањата и отпуштањата можат да бидат иницирани и од најобичен разговор во ходник, а бонусот кој може да биде и 10 пати поголем од платата, се добива врз основа на процени од колегите.

Објаснувањето за тоа како сето ова воопшто функционира и како до сега не пропаднало е во самите вработени.

"Важно е да се сфати дека компанија со ваква спонтаност најмногу зависи од индивидуи кои веруваат во социјалните норми по кои се водат. Таму немаш луѓе кои ќе се обидат да создадат димна завеса околу фактот дека не се доволно добри во она што го работат. Сите луѓе таму се рачно одбрани за да бидат одлични во она што го работат," раскажува Варуфакис.

Главен производ на Валв е Стим платформата која функционира како Ајтјунс за видео игри. Моментално се проценува дека таа годишно генерира околу 1 милијарда долари.

8 јануари 2014 - 14:39