Кинескиот арсенал за пресметка со Трамп

Кинеските власти баш и не можат директно да возвратат на заканите на Трамп дека ќе воведе тарифи на дополнителни 200 милијарди долари производи увезени од Кина, од проста причина што Кина годишно од САД увезува производи во вредност од максимум 130 милијарди долари.

Разликата увоз-извоз, што е и најголемата болка на Трамп, е 505 милијарди долари кинески извоз во САД, а само 130 милијарди од САД во Кина.

Дури и да не може да тера реципроцитет по обем на трговија, Кина на располагање има кревање на постојните тарифи на нивото над 25%, или наметнување зголемен регулаторен надзор над американските компании во Кина, забавување на процесот за одобрување дозволи за нив, откажување на нарачките за американски производи или стимулирање на потрошувачки бојкот на американски производи.

Компании како Волмарт и Џенерал моторс, веќе имаат огромни операции во Кина чие проширување би можело да биде попречено. Јапонски и јужнокорејски компании во Кина го искусија ова кога кинеските власти имаа посериозни политички проблеми со нивните матични земји.

Во едниот пример, продажбата на јапонски автомобили во Кина значително опадна во 2012 во време на спорот околу островите во Источно кинеското море. Во 2017 за време на спорот со Јужна Кореја околу ракетниот штит Кина предизвика сериозни загуби за јужнокорејскиот туризам забранувајќи пакет аранжмани.

Едно од главните оружја на Кина останува нивната валута. Моментално вредноста на јуанот, на неизмерно задоволство на остатокот од планетава, има севкупен раст во споредба со почетокот на деценијава (иако последниов месец бележи пад од 3%). Вештачкото намалувањето на вредноста на јуанот значително би ги поевтинило кинеските производи за извоз, без разлика дали тоа би било во САД или во остатокот од светот.

Ако работите стигнат до ниво на неподносливост, Кина во секое време ја има „нуклеарната опција“ и да почне да го продава американскиот државен долг (Кина поседува 1180 милијарди долари во американски обврзници) по што би се отворил цел пакет на пеколни сценарија за САД од зголемување на каматни стапки до слабеење на доларот.

12 јули 2018 - 11:07