Кинески кошмар за млади наследници

Сопственикот на најголемата агенција за недвижности во Хонгконг, Винг-Чинг Ши, има 400 милиони долари и еден син наследник. Е излезе дека овој едниот син нема ништо да наследи од тие 400-те милиони.

И не се работи за некоја закана од таткото дадена во момент на нервоза, која ќе се поништи во момент на слабост, туку парите навистина ги нема. Уште пред неколку години таткото ги донирал во добротворни цели, во организација која работи на помагање во справувањето со сиромаштија во Кина.

Да не биде дека го остава на улица, Винг-Чинг Ши неодамна решава својот син Алекс Ши да го назначи за потпретседател на компанијата Центалин груп, преку која минуваат 2 од секои 5 трансакции за недвижности во Хонгконг. Кога тој ќе се пензионира, Алекс станува претседател на компанијата.

Алекс моментално работи за плата, без вонредни бонуси и дивиденда од уделот што татко му го има во компанијата, и во разговор со Бизнисвик објаснува дека дел од неговите пријатели што работат во финансиски институции (на многу пониски позиции од неговата) заработуваат повеќе пари.

Канцеларијата на Алекс (со него внатре) изгледа вака:

Алекс не минува ништо полуксузно ниту низ младоста, па на инсистирање на татко му, тој основно и средно завршува во државните училишта во Хонгконг, за разлика од праксата на тамошната елита да ги запишува во приватни училишта. За факултет ја посетува Лондонската школа за економија и политички науки. Кога влегува во семејниот бизнис (татко му ја основа Центалин во 1978) првото работно место на Алекс е агент за продажба на недвижности.

Со вака нареден живот Алекс се уште штеди пари за да го купи својот прв стан.

Би сакал да биде со две спални, во некоја од населбите достапни за луѓе од средна класа.

„Првиот дом може нема да биде она што најмногу го посакуваш. Ама барем застануваш на скалата за недвижности и потоа почнуваш полека да се искачуваш,“ изјавува Алекс.

24 април 2019 - 18:52