Кина извезува и пари

Над 600 милијарди долари се изнесени од Кина на црно, само во текот на 2011-та. Вкупно, од 2000. до 2011. сумата е цели 3700 милијарди долари.

86,2% од овие средства се губат преку измами во цените, во кои кинеските компании со помош на странските партнери прават разлика во цената, а профитот го кријат во странство. Остатокот од измамите отпаѓаат на се од уметност до коцкање, стои во извештајот на Global Financial Integrity.

Добар дел од парите се испратени и со "повратна карта" до даночни оази како Хонгконг и Британските Девствени Острови, за потоа да се вратат во Кина како директни странски инвестиции кои по закон добиваат субвенции од владата и одредени банкарски погодности.

Освен парите, дел од високите функционери почнаа во странство да ги испраќаат и своите семејства, каде што ќе можат на раат да го живеат своето богатство без да стравуваат од јавна осуда или губење на довербата на јавноста.

Минатата година Кинеската централна банка објави статистики според кои околу 18.000 кинески функционери во периодот меѓу 1995-та и 2008-ма ја напуштиле земјата со околу 130 милијарди долари.

Инаку, сајтот на Њујорк тајмс беше инстантно блокиран во Кина по објавувањето на веста во за богатството на Вен Џиабо.

29 октомври 2012 - 16:39