Како на светот одеднаш почна сè да му снемува?

Тоа што пред една година го правеше обичниот народ по супермаркетите со тоалет хартија, брашно и средства за дезинфекција, денес на светскиот пазар го прават најголемите глобални корпорации од секоја можна индустрија.

Од производители на душеци до производители на автомобили и производители на алуминиумска фолија, сите гледаат да купат што е можно повеќе суровини за да спречат евентуален застој на производството или уште полошо прекин, заради немање залихи.

Истото што ваквата навала го направи во супермаркетите сега го прави на глобалните синџири за снабдување, и во пракса се одразува со недостаток на материјали, проблеми со транспорт и скокање на цените на највисоки нивоа во последниве години.

Има недостаток на бакар, железна руда и челик, на пченка, кафе, пченица и соја, на дрвена граѓа, полуспроводници, пластика и картон за пакување. Како што ќе каже Тим Лајнбаргер, првиот човек на производителот на мотори и генератори Каминс, „што и да кажеш, има недостаток и на тоа“.

Блумберг објаснува дека разликата меѓу сегашната криза и претходните проблеми со снабдување е нејзиниот неверојатен обем (бидејќи ја зафаќа секоја индустрија секаде во светот, од тоа што Корона не може да најде алуминиум за лименки, до тоа што најголемиот товарен превозник во ЕУ нема доволно капацитет) и тоа што за сега не се гледа крајот на кризата.

На ова се надодава и неверојатна и растечка листа на проблеми кои го погодуваат светот. Од заглавувањето на Евер гивен во Суецкиот канал до сушата која предизвика хаос во земјоделието, до неверојатните студови што го погодија југот и центарот на САД, до хакерскиот напад врз најголемиот американски нафтовод кој ја крена цената на горивото над 3 долари за галон за прв пат од 2014. Последно во низата е масовното ширење на ковид-19 во Индија кое се заканува дека ќе ги затвори најголемите пристаништа во земјата.

Една од најлошите прогнози кои доаѓаат од САД се базира на ретко споменатиот Индекс на менаџери за логистика, кој прави месечна анкета на корпоративните директори за логистика, на тема каде ги гледаат трошоците за залиха, транспорт и магацински простор, денес и за 12 месеци. Моментално индексот е на второто највисоко ниво од 2016. Досегашниот предвидувачки успех на индексот на трошоците во овие три сегменти е со точност од 90%.

Еден од ко-авторите на индексот, Зек Роџерс, објаснува дека во минатото овие три области биле оптимизирани за ниски трошоци и стабилност. Денес сето ова е изменето, па заради големата побарувачка во е-трговијата, магацините се селат од евтините локации вон градовите, во паркинг гаражи или затворени стоковни куќи во урбаните центри, за да можат побрзо да ги испорачаат нарачките. Ова значи поскапа кирија, поскапи трошоци за вработени и поскапи режиски трошоци. Промена е и што сега сите гледаат да имаат поголема залиха, а во исто време и трошоците за транспорт се понестабилни и нема да се намалат се додека не се намали побарувачката.

„Во основа испитаниците ни кажуваат да очекуваме дека ќе биде тешко снабдувањето да го доведеме до нивото на побарувачката, и заради тоа во следните 12 месеци ќе гледаме одредени поскапувања,“ објаснува Роџерс.

Слично е и со другите индикатори, цените што американските производители ги наплаќаат на „фабричка капија“ се два пати повисоки од очекувањата на економистите. Индексот на потрошувачки цени во САД (без храна и гориво) во април има скок кој не е забележан од 1982.

„Кога ќе ги собереш сите овие фактори, добиваш средина која е зрела за значителна инфлација, со ограничени мерки што монетарните власти можат да ги преземат,“ објаснува првиот човек на компанијата за логистички софтвер и услуги, Блуџеј солушнс, Дејвид Ландоу.

Наспроти него е Лаел Бреинард, која е гувернер на Бордот на гувернери на Федералните резерви во САД, и според која ситуацијата само изгледа така делумно затоа што најголемиот дел од споредбите се прават со остриот пад од пред една година, плус голем број компании кои со години не ги зголемуваа цените и понатаму остануваат на таа позиција.

Проблемот со репроматеријалите почнува уште на „изворот“ бидејќи зголемувањето на капацитетот за производство е бавен и скап процес. Кога на ова ќе се надодаде непланирано големата побарувачка од двете најголеми светски економии, САД и Кина, резултатот е скок на цената на дрвената граѓа, бакарот, железната руда и челикот.

Слично се случува и со цената на суровата нафта, што пак ги зголемува цените на индустриски материјали од пластика до гума и хемикалии.

Ни храната не го избегна поскапувањето, па така најупотребуваното масло за јадење во светот, палминото масло, изминатата година поскапе за 135%, сојата ја има највисоката цена од 2012, а пченката е на највисоката цена од 2013.

Една од најосетливите кризи се случува кај електрониката и снабдувањето со чипови, проблем кој според експертите „многу повеќе е од структурна природа, и ќе влијае на бројни индустрии, не само на производството на автомобили.“

Опсегот на проблемот со чиповите се гледа и по тоа што Јужна Кореја планира да потроши 450 милијарди долари (450.000.000.000 долари), за во следната деценија да ја изгради најголемата база за производство на чипови во светот.

Посебна приказна е транспортот, чии капацитети на глобално ниво се пополнети до последен кубен сантиметар и во камионски, бродски, железнички и авионски транспорт. Од Маерск, најголемиот контејнерски превозник во светот, најавија само делумно намалување на фреквентноста на бродскиот транспорт до крајот на годината, но ни тогаш не очекуваат враќање на ултра-евтиниот прекуокеански бродски транспорт од минатата деценија.

17 мај 2021 - 11:56