Како да ги натераш Епл, Гугл и Амазон поштено да плаќаат данок

Проблемот е европски (барем според притисокот врз политичарите и гневот на јавноста), решението е американско и одамна функционира преку Атлантикот.

Се работи за системот што го користат сојузните држави во САД за распределување на даночните обврски меѓу себе. Решението што го предлага колумнистот на Бизнисвик, Питер Кој, самиот тој го објаснува како тешко изводливо во меѓународни размери од причина што даночните рајови не го посакуваат, дополнувајќи "иако тоа е вистина, секако вреди да се разбере системот, чисто да се види колку би биле подобри работите кога не би се мешала политиката."

Моментално мултинационалните корпорации користат систем на даночни олеснувања кој комплетно ги искористува сите можности што им ги дозволуваат законите на ЕУ. Користејќи ја стратегијата наречена Двоен ирски и холандски сендвич (и едната и другата држава имаат даночни олеснувања) Гугл во 2015 заштеди 3,6 милијарди долари на данок.

„Клучот на решението со распределување е да им се одземе можноста на мултинационалните компании да го префрлаат својот профит на различни географски локации по своја желба. Наместо тоа, владите треба да се договорат за формула по која профитот ќе биде распределен.

Една од добрите мерки за ова се приходите. Ако компанија продава само 0,01% од своите производи или услуги во некоја забутана островска нација, таа нема да може да тврди дека таму заработила, да речеме, 20% од својот профит.

Други мерки за потенцијално распределување е бројот на работници или вредноста на физичкиот имот во секоја од државите во кои компанијата работи, иако овие критериуми не се толку корисни во дигитален свет. (На пример на Гугл не му требаат многу луѓе во зграда, за, да речеме, заработува пари од продажба на он-лајн реклами во Германија.)

Според системот за распределба, на секоја држава и понатаму и е дозволено сама да одредува колкав ќе биде корпоративниот данок. Меѓутоа својата даночна ставка ќе може да ја наплати само на мало парче од глобалниот профит на компанијата - парче кое е одредено од однапред договорена формула. Државата повеќе нема да може да зграби поголемо парче од корпоративниот данок со тоа што ќе ја спушти својата ставка пониско отколку другите држави. Со еден удар ставаш крај на трката кон пониски даночни ставки,“ објаснува Кој.

Ова што го зборува колумнистот на Бизнисвик, веќе еднаш беше предложено од Европската комисија во 2011, и беше одбиено. Потоа концептот, со мали измени, повторно се појави во 2016, и повторно беше одбиен. Самата ЕУ е така поставена што решавањето на фискалните прашања бара едногласност од сите членки, меѓу кои има и земји како Ирска и Холандија кои имаат сериозен директен ќар од тоа што се домаќини на мултинационални гиганти и им овозможуваат избегнување данок.

Бидејќи ЕУ е заглавена околу оваа идеја, пред некое време дојде предлог од Франција во кој наместо профитот се бара оданочување на приходите на дигиталните гиганти. (Еден од начините на избегнување данок на профит е да прикажеш дека од продажбата во одредена земја немаш никаков профит заради големи расходи во истата, кои опфаќаат и делење бонуси и поголеми плати.)

Иако овој предлог е политички прифатлив, процената на Кој е дека тоа е економски неодржливо:

„Ако ја поставиш даночната стапка премногу високо со тоа ќе збришеш голем број компании кои имаат високи приходи а мал профит. Ако ја поставиш премногу ниско и ги поштедиш овие компании, нема да можеш да извадиш значителна разлика од оданочување на компании кои заработуваат огромен профит на мали приходи...

... Скот Маркус од бриселскиот Бругел институт кој е експерт за дигитална економија, објаснува дека оданочувањето на приходот само затоа што е полесно отколку профитот е исто како да ги бараш твоите клучеви под улична сијалица само затоа што таму е подобро светлото.“

26 септември 2017 - 16:25