Јужноафрикански браќа исчезнаа со 3,6 милијарди долари туѓ биткоин

Двајцата браќа исчезнале со туѓи 69.000 биткоини кои ги собрале преку нивната платформа за инвестирање криптовалути Африкрипт.

Пред актуелниот крах, во април годинава постариот од двајцата браќа (што е релативно бидејќи едниот е 17 другиот 20 години), ги информирал клиентите дека компанијата била жртва на хакерски упад, и побарал од нив тоа да не го пријавуваат кај полиција или адвокати, бидејќи на тој начин ќе се забави просецот на враќање на изгубените средства.

Сепак дел од инвеститорите ангажирале една адвокатска фирма за да спроведе истрага, а друга група започнала стечајна постапка против Африкрипт.

Освен сомнителното соопштение, излезе дека вработени на Африкрипт изгубиле пристап до бекендот на платформата седум дена пред наводниот хак.

Истрагата открива и дека вложените пари во Африкрипт биле префрлени од новчаниците и сметките на клиентите, во „миксери“ за биткоини кои помагаат криптовалутите да не можат да се следат.

Проблемот е и што јужноафриканската влада не може да започне официјална истрага околу Африкрипт бидејќи криптовалутите не се легален финансиски производ во земјата.

Браќата од кои за сега нема траг имаат фора до 19 јули да излезат на суд и да го спречат стечајот на компанијата.

Тие ја основаат Африкрипт во 2019, а успеваат да приберат милијарди долари од инвеститорите на „грбот“ на постариот брат кој во земјата важи за вундеркин што уште додека бил на училиште успеал да направи алгоритам кој има неверојатен поврат на инвестираните пари.

24 јуни 2021 - 10:06