Директорите на Епл во Франција пред затворска казна заради намерното заглупување на старите Ајфони

Француски активисти поднесоа кривична пријава против Епл заради нивната неодамна објавена и признаена пракса дека со секој апдејт постарите модели на Ајфон намерно ги прават побавни. Обвинението е по основа на „планско застарување“ што е забрането со закон во Франција, а како отштета се бараат 5% од приходите на компанијата и затвор за нејзините директори во земјата.

„Епл, плати си ги даноците“, испишано од активисти на излогот на една од продавниците на Епл во Франција.

Тужбата од страна на организацијата Спречете го планското  застарување (HOP -  Halte à l’Obsolescence Programmée), е поднесена во средата, и во нејзе се наведува:

„Епл спроведува глобална стратегија на планско застарување со цел да ја засили својата продажба на нови Ајфони.“

Основата за тужбата на ХОП е француски закон од 2015, со кој „намерното намалување на животниот век на производите заради зголемување на стапката на заменување“ стана кривично дело. Од групата веруваат дека по оваа основа Епл би можел да одговара со комплетната своја продажба на Ајфон во Франција од воведување на законот.

Максималната казна што ја предвидува законот за ова дело е 2 години затвор, глоба од 300.000 евра и 5% од годишните приходи на компанијата.

Тужбата треба да ја разгледа кривичен суд, каде обвинителите треба да одлучат дали таа е легитимна.

„Сè е организирано за да се присилат потрошувачите да ги обноват своите смартфони.

Кога телефонот има цена од 1.200 евра, што е повеќе од француската минимална плата, овие практики се неприфатливи и мора да бидат казнети.

Наша мисија е да ги одбраниме потрошувачите и околината од ваквото создавање отпад организирано од Епл,“ објаснува ко-основачката на ХОП.

Сето ова следува откако Епл минатата недела објави дека во апдејтот на оперативниот систем на Ајфон 6, Ајфон 6С, Ајфон СЕ и Ајфон 7, тајно вклучиле и активирале опција што ја намалува потрошувачката на батеријата преку намалување на брзината на која работи процесорот на телефоните (побавен процесор = помала потрошувачка на батерија = побавен телефон). Епл ова го призна откако технолошкиот блог Прајмејт лабс објави своја студија за тоа како апдејтите на Ајфон намерно ги прават побавни постарите телефони.

Освен во Франција, по оваа основа против Епл во САД се покренати неколку тужби, а израелски Харец објавува дека и во тамошните судови има поднесено слична тужба.

Како одговор на сите критики за недозволеното однесување кон сопственоста на други луѓе, вчера Епл објави дека ќе понуди замена на батериите за сите овие модели по цена од 29 долари. И претходно самиот апдејт предвидуваше дека ако некој ја смени батеријата, уредот автоматски да се врати на стандардната работна брзина.

Инаку, ХОП веќе тера една слична ваква тужба, во која обвинет е Епсон по основа дека намерно го ограничува животниот век на нивните машини. Неодамна и француските обвинители објавија дека започнале истрага во случајот со Епсон.

29 декември 2017 - 09:46