Човекот што ќе заработува по 1 милион долари на ден, во следните 10 години

Брајан Армстронг е ЦЕО на Коинбејз една од најголемите менувачници на криптовалути во светот, која сред целиот ќар од тргувањето со криптовалути одлучи дека деновиве ќе излегува на берза, и тоа е одлично за Брајан.

Минатата година Армстронг успеа да договори вонреден надомест од Коинбејз во износ од 3 милијарди долари, или како што пресметале од Блумберг, секој работен ден во годината Брајан ќе заработува по 1 милион долари, и тоа така во следните 10 години.

Освен што е ЦЕО, Армстронг е ко-основач на Коинбејз, а астрономската сума ја добива како дел од „основачки грант“ кој станува се попопуларен во корпоративна Америка, и во него огромен удел од компанијата му се дава на основачот пред таа да излезе на берза. На страна овие пари, Армстронг веќе има удел во Коинбејз кој Блумберг го проценува на 15 милијарди долари.

Коинбејз 2020 ја заврши со профит од 323 милиони долари откако претходната година ја заврши во минус.

Напредокот на Коинбејз се должи на скокот во интерес на платформи за тргување со криптовалути. Компанијата денес има над 43 милиони корисници и дозволува тргување со над 40 различни криптовалути како биткоин, етереум и лајткоин.

Алал да му се парите на Брајан, ама една неверојатна математика вели: бебе кое е родено денес и секој еден ден од својот живот заработува по 1 милион долари, на 80 години, ќе има заработено нешто помалку од 30 милијарди долари. Вредноста на Џеф Безос во февруари 2021 изнесуваше 192,6 милијарди долари, па на бебето исто му се фаќа и ако заработува и по 2, 3, 4, 5 или 6 милион долари на ден, пак ќе биде второ по богатство.

8 март 2021 - 15:25