Австрија и Германија ќе ја спукаат заради викенд скијање?

Да не излезе дека ЕУ е создадена само за правање пари, ама двата соседа и главно сојузници низ серија историски настани се пред невообичаено отворен судир откако Меркел побара да нема скијање во ЕУ за божиќните празници.

Ставот на Меркел е дека сите скијачки терени во ЕУ треба да бидат затворени за празниците, затоа што ковид-19. Австријците (од каде зимоска ковид-19 се расади низ цела Европа) тврдат дека скијачките терени треба да се отворат, затоа што - пари.

Ваквиот нестандарден отворен судир меѓу двата соседа, следува по обраќањето на Меркел во Бундестагот каде порача „се приближува сезоната на скијање, и ние ќе извршиме притисок во Европа да се изгласа затворање на сите ски ресорти.“

Самата Меркел признава дека забраната на ниво на ЕУ ќе биде тешко да се постигне затоа што Австрија, чија индустрија на зимски спортови е еден до столбовите на економијата, е против на овој предлог. Во средата австрискиот канцелар, Курц, порача дека „ова не е тема во која ЕУ треба да се меша.“

На сличен став е и Европската комисија, која порачува дека одлуката за скијањето треба да биде оставена на националните влади, меѓутоа ги поттикна земјите членки на ЕУ да соработуваат и предупреди дека предвременото кревање на мерките за дистанцирање „ќе го зголеми ризикот за воскреснување на вирусот.“

Судирот околу скијањето е пример зошто ЕУ имаше засрамувачки килава реакција на пандемијата, бидејќи секоја членка главно ги гледаше своите интереси.

Италија, која во вторникот имаше 853 смртни случаи од ковид-19, одлучи дека сите ски-капацитети ќе останат затворени до 10-ти јануари. Од друга страна Франција објави дека нивните ски-ресорти ќе бидат отворени за Божиќ, меѓутоа ски-лифтовите нема да работат.

Во Италија годишните приходи од скијање се околу 11 милијарди евра, од кои една третина доаѓаат за време на Божиќ и Нова година.

Во меѓувреме Швајцарија веќе почна да ги отвора најголемите ски-ресорти.

27 ноември 2020 - 12:30