Зошто југословенските тајни служби најмногу убиваа новинари?

Убиството на Славко Ќурувија е само едно во низата зад кои стои силата што ја разведруваше и наоблачуваше политичката сцена во Србија, од времето на комунизмот па наваму, Државната безбедност, пишува Вељко Миладиновиќ.

Убиството на сопственикот на "Дневен телеграф" и "Европеец", Славко Ќурувија, ни по 18 години не доби свој епилог. На судењето започнато во јуни 2015 година не му се гледа крајот. Како што се наведува во обвинението, Ќурувија е убиен во текот на НАТО бомбардирањето, 11 април 1999 година, пред зградата во која живее на улица Светогорска во Белград, заради "јавни испади во земјата и странство и критикување на носителите на политичката власт, можноста да влијае на јавното мислење и делување на опозициските општествени сили, заради зачувување на постојната власт".

Неговото убиство, за кое се обвинети началникот на ресор на Државната безбедност Радомир Марковиќ, началникот на белградскиот центар на ДБ Милан Радоњиќ, главниот разузнавачки инспектор во Втората управа на ресорот Ратко Ромиќ и припадникот на резервниот состав на тој ресор Мирослав Курак, е само едно од низата зад која стои силата што ја разведруваше и наоблачуваше политичката сцена во Србија - од времето на комунизмот па наваму - Државната безбедност.

Дека зад убиството на некогашниот пријател на Мирјана Марковиќ и еден од борците за слобода на медиумите стои државната безбедност своевремено потврди и премиерот на Србија, Александар Вучиќ. Тогаш Вучиќ беше надополнет и од лидерот на социјалистите Ивица Дачиќ, кој изјави дека "дел од државниот систем" го уби и поранешниот премиер Зоран Ѓинѓиќ.

Меѓутоа на сите тие убиства се гледа како на поединечни случаи, а не како последица на еден систем во кој живеевме и кој има повеќе децениски корени и влијание врз оформување на општеството во кое живееме. И нема систематско "оддалечување" од тие злочини, па дури ни некоја формална парламентарна резолуција. А сето тоа може да дојде на ред за наплата.

"Ние веќе имаме пресуди дека државата убивала. Судот веќе утврди дека државата го уби Иван Стамболиќ, дека државата го организираше масакрот на Ибарската магистрала. Државата стои зад сите други убиства. Зад убиството на Дада Вујасиновиќ, државата стои зад убиството на судијата Симеуновиќ. Да не заборавиме дека државата стои и зад многу убиства на Косово и Босна," изјави за Недељник Вук Драшковиќ.

Освен со убиството на новинарот Славко Ќурувија, државата Србија ќе мора да се соочи и со многу други случаи во кои ќе ја најде "својата" одговорност. Драшковиќ неколку пати потсети на случајот на судијата Небојша Симеуновиќ, кој во октомври 2000 година одби да издаде налог за апсење на рударите од Колубара кои се побунија против Слободан Милошевиќ, а последен пат е виден на 6 ноември 2000. Неговото тело еден месец подоцна е најдено на брегот на Дунав во Белград. И денес не се знае кој го уби меѓутоа неговата сестра Јелена тврдеше дека го убиле припадници на Државна безбедност, кои претходно го киднапирале од неговиот стан и го држеле во приватен затвор.

Покрај новинарката Дада Вујасиновиќ чие убиство веќе одамна се припишува на ракописот на српската ДБ, мистериозно се убиени и голем број полициски службеници. Полковникот Милорад Влаховиќ, помошник началникот на криминалистика на СУП Белград, е убиен во март 1999, пред спортскиот центар Кошутњак, со снајпер. Не е откриено ни убиството на Павле Булатовиќ, сојузниот министер за одбрана во ресторанот "Рад" во февруари 2000. Високиот службеник на ДБ, Момир Гавриловиќ е убиен во Нов Белград на 3 август 2001, откако се состана со претседателот на СРЈ Воислав Коштуница.

На пред-петооктомвриската листа на убиени се и Зоран Тодоровиќ Кундак, генералниот секретар на ЈУЛ, и Жика Петровиќ, генералниот директор на ЈАТ. Не постојат официјални разјаснувања ни за убиството на Радован Стојичиќ,  началникот на Ресорот за јавна безбедност на МУП, убиен на 10 април 1997 во еден белградски ресторан.

Меѓу оние кои се убиени по 5-ти октомври е и Зоран Ристовиќ Прика, поранешна "Црвена беретка", Србин од Краина кого го следеше репутација за ладнокрвен убиец. Неговото тело е најдено на почетокот од јули 2001 во Кошутњак. Колку се поврзани сите убиства покажува и тоа што за него се зборуваше дека токму тој е убиецот на Славко Ќурувија, со што се затвора кругот на пеколот на тајните служби на Србија. Но тоа е само еден круг на пеколот.

За методите од времето на Тито кои службата за државна безбедност ги користеше за убивање на своите идеолошки противници хрватскиот новинар Жељко Паратовиќ напиша:

"Срби се ангажирани за убивање на Срби. Хрвати за Хрватите, муслимани за муслиманите. Единствено тоа не важеше за Албанците затоа што дури ни УДБА не можеше да најде Албанец кој ќе се согласи да убие друг Албанец".

Со тек на време етикетата соработник на УДБА е залепена на сите главни ликови од филмот "Видимо се у читуљи" и оние кои природно им припаѓаат. Сретен Јоциќ, попознат како Јоца Амстердам, кој е осуден на 15 години заради поттикнување на убиството на Горан Марјановиќ, наречен Гокси Бомбаш, во својата одбрана изјави дека некој од врвот на државата му обезбедувал заштита до 2001, и дека за "патриотски задачи" добивал упатства од Владата, ДБ и КОС во текот на 90-те.

Се смета дека во текот на 80-те сојузниот секретар за внатрешни работи Стане Доланц на големи врати во службата ги внел големците на подземјето, но помалку е познато дека Аркан, кого подоцна властите ќе го испратат меѓу Делии да ги контролира навивачите - и наместо против власта да ги упатува на военото поле - во работата со службите директно го воведува еден генерал на ЈНА кој инаку секоја недела фудбалските натпревари ги гледа од ложата на стадионот на ЈНА (стадионот на Партизан). 

"Од комунизмот, преку доаѓањето на Слободан Милошевиќ на власт, не постои несреќа од која ДБ го заштитила српскиот народ туку нас само нè има втурнато во уште поголеми несреќи. Секогаш постоеше мит за ДБ како некаков чувар на земјата. Во комунизмот беше нарекуван меч на револуцијата што сè контролира и го чува режимот на Тито. Тоа свое право го задржа и во епохата на Милошевиќ и повеќепартискиот систем. Имаме парадоксална ситуација дека ДБ практично ги основа сите опозициски партии во Србија. Правилото е дека никој не може да дојде на чело на партија ако не е полуд и порасипан од Слободан Милошевиќ, за Милошевиќ да делува потполно нормално во однос на нив. Тие основаа масонски ложи, и малтешки витези.

Србија не можеше да закрепне ни по падот на Милошевиќ. Направија ситуација во која три генерации од едно семејство работеа и работат во УДБА, ДБ и БИА. Тој непотизам спречуваше да се разоткрие кое било нивно злодело. Синот го чуваше таткото, внукот и таткото и дедото," изјави за Недељник Миомир Мариќ.

Во Србија и денес, како што отсекогаш било, се води тивка војна меѓу различните безбедносни служби - што поедноставено може да се претстави и како војна меѓу воените и полициските служби. Разликата е, ќе каже еден поранеше воен разузнавач, во тоа што, за да се работи во воена служба, мора да се заврши воена академија - значи да се има барем некакво школо. Во државна безбедност се примани луѓе од улица. Миомир Мариќ на тоа вели:

"Не можеше да станеш ни криминалец ако татко ти не беше шеф на ДБ. Тоа е и во случајот со Аркан, Ашанин, Рубежиќ, Горан Вуковиќ. Малкумина од сиромашните можеа да се афирмираат во криминалот. И наместо да бидат борци против организираниот криминал, шверц на дрога, шпионажа, тие полуофицијално станаа главни инспиратори на истото. Тие под контрола ја ставија мафијата која стана нивна ударна сила. Оние кои самостојно сакаа да се занимаваат со политика или криминал беа исчистени.

Ги вадеа од затвор криминалците кои ограбуваа банки по странство а потоа овие од благодарност ги убиваа сите народни непријатели. Таа војна на тајните служби започнува во 60-те. Службата се дели на републички. Тогаш почнува нивната меѓусебна војна. Најголемиот дел од тие усташки и четнички организации се под контрола на ДБ. Кога доаѓа до тие убиства во странство се пишуваше 'Настрада во меѓусебна пресметка на четничката и усташката емиграција.' Можеби тоа и беше точно затоа што ти не можеше да бидеш ни чесен четник во странство а да не те држи ДБ.

Порано сите знаевме кој во весниците работи за УДБА. Ние ги исмејуваме тие луѓе. Тие ги бираа најлошите новинари. Ние со нив се смеевме да внимаваат што ставаат. Ние им зборевме 'ние ќе напишеме уште полош текст за нас'. Тие служеа за потсмев. Кога на полициските структури им требаше нешто тие во медиумите пласираа секакви текстови за непријателската емиграција."

Тој ќе каже дека расчистувањето на политичките интереси преку службата не е ништо ново. Само што, изгледа, дека правецот е сменет. Некогаш политичарите беа инструмент на ДБ. Денес некои функционери во БИА се инструменти на некои политичари.

"Кога ги читав мемоарите на Владо Кековиќ, поранешниот шеф на ДБ, дознав дека Шешељ открил дека Аркан дал некој исказ во Хаг и дека делови од тој исказ се користени против Шешељ. Кога го објавивме тоа, синот на Аркан рече дека мене некој ми го има подметнато, меѓутоа тоа е во согласност со најновата истрага. ДБ го создаде Аркан и само ДБ можеше да го убие.

Првиот човек кого Хаг го бараше беше токму Аркан. На разговорите по Дејтон како почеток на добрата волја на Милошевиќ кој е рехабилитиран, Холбрук како услов бараше да се испорача Аркан. Во состав на тоа е и профилот за Аркан што Аманпур го направи за Сиенен. Милошевиќ не прифати да го испорача. Дали неговиот режим сомневаше дека тој има контакт со Хаг и дека е подготвен да сведочи против Милошевиќ во Хаг. И опозицијата му нудеше заштита ако се сврти против Милошевиќ.

Последните месеци од животот тој беше во немилост. Исфрлен од бизнисите. Повеќе не можеа неговите цистерни да шпартаат преку Србија. Се зборуваше дека Аркан го шамарал Марко Милошевиќ. Аркан на пријателите им збори 'Каков сум јас шеф на мафија кога Марко Милошевиќ прави што сака?' Раде Марковиќ тогаш го прима Аркан но многу ладно. Аркан оди кај Марковиќ да праша зошто е пуштен низ вода. Многу брзо по ова тој е и убиен," раскажува Мариќ, кој во разговорот со Недељник исто така потврдува и дека ДБ игра негативна улога по 5 октомври.

За методите на УДБА некогашниот шеф на Центарот за организација на југословенските разузнавачки служби во светот, Антон Духачек, прв ја отвора душата: "Имавме свои агенти во сите организации на екстремната емиграција, во сите земји на Западот и на сите континенти. Тоа е светски олош кој работеше за сите разузнавачки служби на светот. Беа подготвени да ја убијат и родената мајка за ситни пари."

УДБА против новинарите: Убиства во режија на државата:

- Во Чикаго е убиен Драгиша Кашиковиќ, издавачот на "Слобода".

- Во Минхен е убиен Ратко Обрадовиќ, уредник на антикомунистички весник.

- Во Шведска е убиен Саво Чубриловиќ, работел за весникот "Српска борба".

- Во Брисел, Бора Благојевиќ, новинар и публицист.

- Во Белгија, Петар Валиќ, уредник на "Воскрес на Србија".

- Во Србија, Дада Вујасиновиќ, Славко Ќурувија...

Убиството на српскиот емигранти и патриот Драгиша Кашиковиќ во Чикаго 1977, сигурно е највпечатливото политичко убиство на УДБА вон земјата. Неговото тело е избодено 64 пати, челото и едниот образ му се комплетно смачкани, а со него е убиена и неговата 9-годишна полу-ќерка Иванка Милошевиќ, која се здоби со 54 убоди. Полицијата на Чикаго никогаш се немаше соочено со таков злостор, а речиси сите американски коментатори тоа го оценуваат како политичко убиство во кое е вмешана југословенската тајна полиција. Домашниот печат по шаблон пишува "за уште една крвава пресметка во екстремната антијугословненска емиграција." Во Америка на 17 август 1977 во Гери (Индијана) е убиен и Богдан Мамула. Една година подоцна на 27 декември 1978 во близина на градот Бафало Борислав Васиљевиќ е најден мртов во својот автомобил. Убиен е и Андра Лончариќ, водачот на српската организација СОПО, на која и припаѓаа и познатите Никола Каваја и Бошко Радоњиќ, како и поп Стоиљко Кајевиќ. Лончариќ е убиен со секира, главата му е расцепена на два дела. Во Минхен во 1969 така е убиен Ратко Обрадовиќ, кој уредуваше еден антикомунистички весник, а кон крајот на истата година во Шведска е убиен Сава Чубриловиќ, кој работеше за весникот "Српска борба".

Ни западните полиции, ни овие во татковината никогаш официјално не ги утврдија причините за смртта на истакнатите емигранти, а еден по еден "паѓаа" по ред по ист шаблон. Единствен убиец на УДБА за кој се дозна е извесен Здравко Трбиќ, кој го изврши атентатот на Боро Благојевиќ, предвоен капетан и припадник на четниците на Дража Михајловиќ.

Саво Раковичевиќ, познат српски сликар и еден од најзначајните српски емигранти во Америка, исто така доаѓа во судир со УДБА. Тој вели:

"Анализирав со кого и на кој начин службата се има пресметувано. Зошто гинеа баш луѓето кои гинеа. Зошто не гинеше првата генерација на емигранти кои беа погласни во антикомунизмот. Дојдов до заклучок дека тие најмногу удираа на интелектуалци кои ги водеа емигрантските весници, но кои пред сè беа искрени словенофили. Тоа се оние емигранти кои силно се врзани за словенско-православната традиција на српскиот народ. Кај нив антикомунизмот доаѓаше како последица на тоа уверување. Тие беа најопасни за режимот. Тоа се убиства кои не се докажани. Но сите се поврзани и по правило извршителите остануваат непознати. Ги имаше многу. Во Минхен во 1969 убиен е Ратко Обрадовиќ, кој беше уредник на еден антикомунистички весник. Некаде кон крајот на истата година во Шведска е убиен Саво Чубриловиќ. И тој беше значаен политички емигрант, работеше за весникот 'Српска борба'. Во Брисел е убиен Бора Благојевиќ, човек кој во емиграција дојде од војната. Беше голем антикомунист. Него и порано се обидуваа да го убијат, и тоа е единствен пат кога е откриено дека УДБА нарачала убиство. Во Белгија е убиен Петар Валиќ, го уредуваше весникот 'Воскрес на Србија'. Убиен е за време на ручекот во својот стан. После година дена убиен е Миодраг Бошковиќ, познат трговец со антиквитети."

Вук Драшковиќ вели дека во приказната за убиствата и злосторствата зад кои стои државата не смее да се заобиколи ни судбината на идеолошките непријатели по Втората светска војна:

"Сето тоа е иста комунистичка школа. Со децении во Москва за злосторот во Катинска шума зборуваа дека го извршиле Германците, за да се испостави дека тие Германци биле КГБ. Сетете се на комисијата на Срѓан Цетковиќ која утврди десетици илјади невини убиени жртви на комунистичкиот режим, тука вклучувајќи и една мала Сребреница во Лисичји јарак. Дали за тоа тука некој се возбуди? Не. Кај нас дури ни Црквата не реагираше на тие откритија. Тука доминира ругање на убиените, како да сме заљубени во комунистичките злосторства. Србија е прекриена со тајни гробници на невини цивили."

Вељко Миладиновиќ,
Недељник

13 април 2017 - 14:18