"Пред дождот"

Всушност, следниот текст се вика "Белград на вода". Го пишува легендарното перо на белградско Време Милош Васиќ а се однесува на последниве поплави во Србија. Зошто текст за поплавите во Србија? Затоа што кога ќе се случи нешто слично овде (со времето) и ама баш апсолутно исто (со последиците), дури тогаш сите хорски ќе се расквакаат на темата. Сè е до тајмингот, децо.  

"Да е од Господ ова што ме снајде, не би се лутел. Ама ова ме снајде од луѓе", рече еден од настраданите од поплавите пред некој ден на телевизија. Тоа е, како што ни се чини, најпрецизниот опис н овогoдинешните поплави. Со тоа на Копаоник донекаде се согласи и премиерот Вучиќ, ама малку неволно. Сепак е предизборна кампања, па човек треба да се истакне. 

По она што го гледаме и слушаме, овогодинешните поплави се нешто помалку штетни од оние од 2014, што премиерот не пропушти да истакне. На оние што се погодени тоа не им олеснува многу. Гајле им е ним како им било на други во 2014, тие знаат како им ним, и тогаш и сега. Се испостави дека стотици семејства повторно настрадаа, наспроти сите ветувања.

Туку, да се вратиме ние на човекот од почетокот на овој текст. Денес гледаме дека има неколку причини за бељите кои не снајдоа. Како прво, одржувањето на водотеците, багерирањето, изградбата на заштитни насипи и чистењето на коритата, во меѓувреме се заборавило. Што кажа оној човек, потоците, рекичките и одводните канали се затрупани со ѓубре: стари шпорети, фрижидери, веш-машини, школки од автомобили, пластични кеси и шишиња. Во оваа држава чекаме "промена на свеста", што премиерот го бара со години, но тоа на терен не функционира - колку и премиерот да апелира. Тоа е една причина за проблемите: штом поплавите ќе поминат, големо ѓубре повторно се фрла во потоците и каналите. Молам: видовме снимки од Нови Пазар, каде ем фрлале сешто во Јошаница, ем граделе прениски мостови над неа, па сега доведуваат хидраулична машинерија да го вади ѓубрето додека тоа не ги однело мостовите.

Втор проблем е дивата градба на подрачја кадешто никој нормален не би градел - заради опасност од поплави. Ако некој мисли дека ова е "критикување на народот" - така е, бидејќи "народот" заслужил критика. Во постапката на дива градба има два избора: или на подрачје каде постои опасност од поплави или нагоре, со неизбежна сеча на шума, па тогаш имаат ерозија и свлечишта. Нашите стари знаеле дека дрвја не се сечат онаму каде што тие ја држат земјата; ни треба ли уште некоја поука? Сечеле шума, продавале граѓа а сега се чудат што се лизгаат надолу.

Покрај сето ова, власта во 2014 од поплавите направи политичка пропаганда, па тоа после полека се заборави, како што сведочат сегашните настрадани. Бирократските процедури околу регистрација на штетите се бавни, надлежните викаат дека "пари нема", како да е тоа некоја вест. Професори од шумарскиот факултет со години зборуваат за ерозиите, свлечиштата, затрупаните потоци и канали. И што? И ништо.

Па сега вие убаво објаснете им на поплавените неколку работи: како прво дека не требале да градат куќа на тоа место, како второ дека не требале да сечат дрвја, како трето дека кај тоа завршиле парите кои сите ги плаќаме. Молам: во секоја сметка за домување постои ставка "користење на водното добро" (а слично има и во даночните ставки за користење земјиште). Еден професор по шумарство потсети на тоа и праша: каде одат тие пари? Во "Белград на вода", бидејќи и тоа е "водно добро"?

Целиот пристап кон оваа проблематика, на крајот на краиштата, се сведува на она нашето: белки нема...

Е, па, има, како што гледаме, а ќе го биде и сè почесто. Дали некогаш ќе се опаметиме - не е извесно. А и зошто би? Убаво ни е вака: на секои две години по една поплава, а ако се погодат уште и избори... Во меѓувреме, драги наши сограѓани, ѕидајте куќи таму каде што потопува и таму кадешто земјата се лизга. Има на кого тоа ќе му се бендиса па ќе се курчи по телевизии и ќе ветува ридови и долини, милиони и камиони. А вие секои две години, крпите во раце, па збирајте кал од подот. Фрижидерите и белата техника држете ја на спрат, прво шпоретите оти ќе ви затребаат. На крајот на краиштата, ако  сте правеле куќа на спрат-два, живејте горе, во надеж дека водата нема да стигне толку високо, таму држете и дрва, ќе ви требаат суви. Всушност, што ќе ви е приземје? Тоа најдобро го знаат сопствениците на соеници на Ада Меѓица. Угледајте се на нив.

Милош Васиќ, за Време

10 март 2016 - 10:33