Правда за Аца Лукас

Аца Лукас е една од ретките преостанати појави кои не се обидуваат да бидат нешто што не се. А кога веќе се фаќам за споредби на „урбанлукот" на Белград и Берлин ќе додадам, па што ми даде Господ, дека Аца Лукас е поградски, побелградски и поурбан од сето она што тука како такво се претставува. Или, во најмала рака, и тој е она што го прави еден град она што е, и тоа не кој било град туку Белград, и дека е едно од неговите поавтентични лица.

пишува: Јована Глигоријевиќ

Не приоѓај, не приоѓај
со мене во ноќта не заминувај,
ни келнерите ни девојките
не сакаат такви типчиња,
не е ова маса за двајца,
ова е мое засолниште.
(Аца Лукас, „Вистина е дека те лажам")

Голем број српски, а богами и регионални снобови, се соблазнија од фактот дека Аца Лукас на 8. јуни ја наполни Маракана. Очекувано, веднаш се почна со згрозување и анализи. Што и како, и над сè, зошто, и дали е ова конечната победа на турбо фолклот, сатанскиот изум за расипување на инаку сосема добрата, паметна и добро воспитана младина. Виновен е Аца Лукас што не верува во богови во кои верува кругот на двојката, туку воведува други нови божества, а виновен е и затоа што ја расипува младината. Моралната температура достигна загрижувачи 39 со 2.

Не бев на Маракана, од објективни причини, помеѓу останатото и заради пат во Берлин, таа европска и светска престолнина на креативноста и слободата. Нема сомневање дека Берлин во изминатите петнаесетина години навистина стана глобален центар на уметноста и креативноста. Но, како што паразитите сакаат да се населат на здраво месо, така и во Берлин се собрале толпа белосветски квазиуметници во стара но скапа облека, без вистинска професија, кои живеат од социјална помош, се муваат по Кројцберг, бесни на „системот" и проповедаат некаква апстрактна љубов и мир во светот. Освен дрндање и општи места, не се баш во состојба да објаснат како точно системот и државата опресивно делуваат врз нив. Токму како што се неспособни да дадат одговор на прашањето со која точно уметност се занимаваат. Западноевропското благоутробие и отсуството на егзистенцијални грижи како да направиле тие млади луѓе и не баш толку млади ебиветри од различните делови на планетата да станат мртви, како оној психијатарот кого го игра Брус Вилис во „Шестото сетило", да талкаат низ светот и да мислат дека се живи. Но, дури и такви, тие се и понатаму она што голем број белградски младинци сакаат да бидат, додека сркаат Сомерсби некаде на Сава, или пиво пред Филозофскиот факултет, и мечтаат за револуција, а потоа одат кај мама и тато на ручек.

Но, каква врска имаат тие со Аца Лукас? Најцврстата врска лежи во фактот дека токму тие го сочинуваат најтврдото јадро на оние кои би сакале да немаат никаква врска со Аца Лукас и кои најмногу се чудат и се згрозуваат над неговиот успех на Маракана. Меѓутоа, Белград не е Берлин, Сава Мала не е Кројцберг, а особено Балканот во последните 20 и кусур години не е исто што и Германија по обединувањето. Затоа, податокот дека на 8. јуни на концертот на Аца Лукас на стадионот на Црвена ѕвезда имало 50,000 луѓе, може да изненади само некого кој во последните две децении бил хиберниран, а да го згрози само оној кој, во својот малограѓански јад, би сакал Белград да е нешто што тој не е, и што не може да биде.

Аца Лукас во сето тоа е една од ретките преостанати појави кои не се обидуваат да бидат нешто што не се. А кога веќе се фаќам за споредби на „урбанлукот" на Белград и Берлин ќе додадам, па што ми даде Господ, дека Аца Лукас е поградски, побелградски и поурбан од сето она што тука како такво се претставува. Или, во најмала рака, и тој е она што го прави еден град она што тој е, и тоа не кој било град туку Белград, и е едно од неговите поавтентични лица.

Почна во деведесетите, на сплавот „Лукас", па од таму и прекарот. Првиот хит кој излезе од рамките на белградските сплавови беше Песна од болка и веќе тогаш беше јасно дефиниран музичкиот правец во кој ќе се движи, посттурбо-фолк, кафански поп, градски народњак. Само што неговиот градски дух доаѓа од темната страна на градот, ако баш мора да го употребам тој збор тогаш од - подземјето. Но, и од кафаната, родното место и тајната на неговата музика. Само, таа кафана не е романтизирана ни прочистена од сето грдо, а не е ни безопасна, натопена со чемер, зачадена биртија за уморни шофери. На таква повеќе ѝ личи Тома Здравковиќ. Лукасовата кафана на Балканот, на премин на вековите, е мрачна, полна со заебани ликови и полуголи девојчиња кои им се нудат. Тоа е секој белградски сплав во кој странците свраќаат да почувствуваат малку балканска егзотика, па се магепсани, иако спектакуларно ништо не разбираат.

Музиката, меѓутоа, е само еден, и тоа помал дел од неговиот јавен лик: излечен од зависност од дрога и коцка (прва домашна личност која за тоа јавно проговори), пред четири години е ранет од огнено оружје пред својата зграда на Нов Белград, апсен во „Сабја" заради илегално поседување оружје и врски со подземјето...Кога тој и таков ќе запее и ќе побара „карта за лет на оној свет, и полна дланка олово и нешто против болки", „запишете ми го бројот, приведете ме утре", „бело, околу мене се е бело" или „сама, пијана, имаше вкус на дно, зарем мораше да бидеш иста како јас", нему публиката на која ѝ се обраќа му верува. Вистина е дека поголемиот дел од текстовите на неговите песни ги пишува Марина Туцаковиќ, но ги пишува наменски за него. Затоа добро му стојат и може да ги протурка, и покрај скромниот глас.

Да се разбереме, тој свет од кој доаѓа Аца Лукас е ужасен, грд и опасен. Сето тоа стои и тука може да им се даде за право на загрижените чувари на добриот вкус. Но, во исто време, тоа е еден од световите кои не се претворил во дигитализирани единици и нули. Кога сме кај дигиталното, го има тој опеано и тоа во сосема пристојната балада „Запали го светлото": „ги живеев твоите бесови и стресови, ги учев твоите мејлови и СМС-и, но само очите се огледало на душата". Неговата емоција е црна и горчлива, но сепак жива и силна. А ни поетиката на поедземјето не е ништо необично, Марио Пузо од тоа ја има направено кариерата. Можеби Аца Лукас не е Нино Рота, па таа поетика да ја вметне во музика на маестрален начин како што овој тоа го има направено во „Кум" на Копола, но...Сè е јасно како на дланка, сите зборови ги собира во една чаша, и ноќва кафаната ќе плаче.

Белградско "Време", јуни, 2013

13 јуни 2013 - 16:07