Почнаа црните рекорди за грчките банки

Додека Европа и Грција да се договорат каков ќе биде спасот на земјата, Грците во просек повлекуваат од 200 до 250 милиони евра на ден од локалните банки.

За до крајот на месецот да ја добие помошта од 7,2 милијарди евра, Грција треба да му врати 1,5 милијарди евра на ММФ. Ако ова не се случи, следуваат црните сценарија за земјата.

Просекот од 200-250 милиони долари на ден преовладуваше во мај и на почетокот од јуни. Понеделников, по неочекуваниот колапс во преговорите меѓу двете страни, беа повлечени 400 милиони евра.

За да не им се случи пустошење на банките, грчката влада може да воведе контрола на капитал, која опфаќа мерки како ограничување на трансфери на пари во странство, дополнително оданочување на повлечени пари, физички проверки на граница, до ограничување на парите што можат да се повлечат од банкомати.

Кипар во најголемата криза стави лимит на пари повлечени од банкоматите на 300 евра на ден. Грција најверојатно ќе треба дополнително да ја симне оваа бројка.

Неодамнешна анкета покажа дека 74% од Грците го поддржуваат еврото - а цели 50% се подготвени да прифатат "големи отстапувања" од владата на Сириза, ако тоа помогне да се надмине ќорсокакот од преговорите.

17 јуни 2015 - 12:42