Како од игра беа исфрлени Тачи и Гренел

Со еден удар се елиминирани и омразениот булдожер на Трамп, Ричард Гренел, и најскапата американска инвестиција на Балканот Хашим Тачи. Трамп ќе мора да излезе на изборите во ноември без ниту еден голем меѓународен успех, но, што ќе прави Европа со Косово кога главниот морков за охрабрување на Белград и Приштна е влегувањето во ЕУ, а за тоа денес никој сериозно не зборува во Брисел.

Научени да не веруваат во случајности, љубителите на геополитиката минатата среда останаа затекнати од соопштението на специјалното обвинителство од Хаг дека косовскиот претседател Хашим Тачи и неговата десна рака Кадри Весељи се товарат за воени злосторства, особено поради тајмингот на објавата која ги минираше разговорите планирани за неколку дена подоцна во Вашингтон. 

Тачи преноќи во Виена па го сврте авионот назад кон Приштина а човекот на Трамп за косовското прашање, Ричард Гренел, веројатно вриел од бес. Обвинителството има рок до 24 октомври да го прифати или отфрли обвинението.

Во обвинувањата дека Тачи и Весељи се обидуваат да го подријат Специјалниот суд во Хаг е лесно да се поверува ако се знае историјатот на сведоците кои или ненадејно страдаа или ги променуваа исказите во процесите против Рамуш Харадинај и Фатмир Љимаљ (види: „Дали косовски лидери се виновни за воени злосторства?“ и Препорака за читање: Запознајте го Рамуш Харадинај).

Но, во оптек се барем уште две теории. Првата е дека европските сили, првенствено Германија, го имаат издејствувано соопштението за да го спречат состанокот во Вашингтон со кој Гренел сосема би ги преземе дизгините на косовскиот проблем. ЕУ сепак е главен финансиер на судот во Хаг. 

Втората теорија е дека тужителите сакале благовремено да се заштитат од американски притисок. Упадливо е дека Тачи во последно време сè повеќе ја критикува ЕУ а го фали Вашингтон, веројатно надевајќи се на американска заштита од обвинија за воени злосторства.

„Ако тоа му беше планот, сега тој план му е пореметен“, вели Михаел Мартенс од Франкфуртер Алгемајне цајтунг.

Дописникот на Време од Бон, Немања Рујевиќ вели дека Гренел засега останува со празни раце. Бидејќи шпекулирањето околу промената на границите и размената на територии сега му се товари на врат исклучиво на поранешниот советник за национална безбедност Џон Болтон (одеднаш омилен лик меѓу Демократите поради неговите мемоари во кои се наоѓаат потврди за веќе формираните тези за Трамп), Гренел сакаше со Србите и Албанците повеќе да разговара за економија, „да донесе капитализам“ во регионот и да издејствува некаква слободна економска зона по углед на кинескиот Шенжен.

Но, Гренел веќе ќе нема време да избоксува каков-таков договор меѓу Белград и Приштина пред американските избори во ноември, што значи дека Трамп на нив ќе излезе без ниеден сериозен успех во меѓународната политика.

Во Германија се радуваат на секој неуспех на Гренел за време на чие краткотрајно амбасадорување во Берлин го доби прекарот „Булдожерот на Трамп“ и „колонијален намесник“. Пропаста на разговорите во Вашингтон е добредојдена бидејќи со еден потег се елиминира и омразениот Гренел и Тачи кој се смета за најскапата американска инвестиција на Балканот (види во „Тенка е линијата меѓу Нобел и Хаг“ какви панегирици му пишуваа Џо Бајден, Медлин Олбрајт и други).

Во Брисел никој нема да заплаче за Тачи бидејќи од таму и претходно бараа Косово да го почитува својот устав и преговарачкиот тим да го води премиерот а не претседателот. 

Со овој хашки блицкриг, косовското прашање повторно е во европскиот двор, но што со тоа? Големиот морков кој го има ЕУ за притисок на двете страни и нивно мотивирање за конструктивност е влегувањето во ЕУ.

„Но, за проширување на ЕУ веќе никој и не зборува“,  пишува Рујевиќ пренесувајќи оценки на западни дипломати дека пристапните процеси се само „лош брак во кој никој не се осмелува да се разведе“.

4 јули 2020 - 12:25