Забораваме за да не полудиме

Ингрид Бергман велеше дека среќата е составена од добро здравје и лоша меморија. Науката потврдува за последново, дознавајќи дека мозокот активно работи на тоа да заборави некои работи.

Луѓе со еидетска односно "фотографска меморија" има многу малку а и тие велат дека живеат во пекол.

"Многумина мислат дека е тоа дарба, но, за мене е само товар. Секој ден одново минувам низ целиот мој живот, ме полудува тоа," вели еден од нив.

Малубројноста на ваквите луѓе се должи на ефикасноста на еволуцијата. Заради адаптивни цели, ние го складираме и го памтиме само она што ни е важно.

Научна екипа од Универзитетот во Базел сега вели дека  мозокот мора да заборави неважни информации за да остане ефикасен. Истата екипа смета дека во обратен случај, најверојатно би доаѓало до тешки ментални пореметувања.

Нивните наоди сугерираат дека мозокот, не пасивно туку активно работи на зачувување на своето здравје со тоа што активно се труди да заборави.

Во истражувањето на поедноставни форми на живот, оваа екипа успеала и да го идентификува протеинот кој е задолжен за бришењето на небитните податоци. Тоа е тн Мусаши протеинот, кој го има и човекот.

По некои други мислења, никогаш не се работи за целосно бришење на информации туку за нивно, сликовито кажано, пикање под тепих.