Ппосле тоа, здравје:

Можеме да тераме до 115 години

Иако со децении расте долговечноста на човекот, проценките велат дека плафонот на нашиот рок на траење е некаде на 115 години. За после тоа ќе ни треба некое ново (научно) чаре.

Животниот век на човекот со декади расте стабилно благодарејќи на напредокот во справувањето со болестите и подобрувањето на социјалните услови на живот.

Последниве децении толку се има зголемено што научници и истражувачи почнаа да се прашуваат: има ли ова крај?

"Никогаш не сме имале толку сто годишници како сега. Можеби можеме да живееме многу повеќе од 100 години, можеби тоа може да тера до бескрај?," ги објаснува своите почетни идеи молекуларниот генетичар Јан Вијг од њујоршкиот медицински центар Алберт Ајнштајн.

Се здал да ги провери своите хипотези, со колегите собрале податоци од цел свет и резултатите неодамна ги објави во магазинот Nature:

Се чини дека неминовниот крај на растот на долговечноста е на 115 години. Тука нашата природа дига рачна и убацува во вечен лер.

Ќе добаци некој и до 125 години но шансите з тоа се екстремно мали:

"Ако имавме 10.000 света како нашиов, само една индивидуа во сите тие 10.000 света годишно ќе славеше 125-ти роденден", вели Вијг.

Нивната анализа на податоците покажала дека меѓу 1960 и 1990 година постојано се зголемувала просечната старост на најстарите кои умираат. Од 90-тите ваквиот тренд е запрен.

Денешната наука и медицина имаат извонредни резултати но главно во третирање поединечни болести.

"Денеска се бориме болест по болест: срцеви заболувања, канцери, мозочни удари.... Како онаа игра Whac-A-Mole во забавните паркови. Една болест ќе решиме, друга ќе се појави," вели Џеј Олшански од Универзитетот од Илиноис кој се бави со прашањата на стареењето.

Според него, играта ќе се смени само ако науката најде начин наместо третирање поединечни заболувања, да ја сконта целата шема на стареење и расипување на човечките машини.

Во скоро време не очекувајте чуда, освен ако не верувате во чудотворните напитоци по локалните портали или пак во идеите на Реј Курцвајл.

6 октомври 2016 - 11:15