Кога политиката ќе ти засоли здравје

Десетина илјади срцеви заболувања и илјадници случаи на рак ќе беа спречени ако британската влада своевремено не прифати производителите на храна доброволно да ја намалуваат количината на сол во нивните производи.

Пресвртот се случи во 2011 година кога под притисок на прехранбената индустрија и нивното лобирање, тогашната коалиција влада го усвои „Договорот за одговорност“ по кој на компаниите им се дава доверба дека сами ќе ги направт своите производи поздрави и дека ќе го намалуваат внесот на сол во нив.

Дотогаш, надлежната агенција за храна принудуваше да бркаат конкретни таргети: секоја година кај мажите да се намалува внесот на сол по 0,2 грама а кај жените 0,12 грама. Такви и биле трендовите но откако стапува на сила доброволната одговорност, намалувањето на внесот на сол е двојно забавено.

Истражувачи од Империјалниот колеџ во Лондон тврдат дека ваквата политика има доведено до преку 10.000 срцеви заболувања и 1.500 случаи на рак кои можеле да се избегнат. Проценуваат дека доколку на сила остане истата галантност кон производителите, до 2025 година ќе се прокнижат вкупно 26.000 непотребни срцеви болести и 3.800 случаи на стомачен рак, кои, во здравствени услуги и загуби во продуктивност ќе ја чинат државата преку една милијарда фунти.

„Оваа држава нема стратегија за сол“, ќе предупреди човек на една британска невладина која ја брка оваа тема.

Немале стратегија за сол! Некои среќници стварно се разгалени од државата.

19 јули 2019 - 15:04